Нуклеарната енергија е моќен метод за производство на чиста електрична енергија, но во процесот се создава отпад кој е тежок за уништување и проблематичен за складирање. Честопати отпадот е главната причина зошто не се гради нуклеарна централа. Се проценува дека во светот има околу 370.000 тони отпад од потрошено нуклеарно гориво.
Меѓутоа, шведската влада неодамна одобрила план предложен од компанијата за нуклеарно гориво и складирање отпад СКБ да се изгради центар во кој ќе се чува потрошеното радиоактивно нуклеарно гориво на земјата. Предложен е метод со кој безбедно ќе се складира штетното гориво во период од 100.000 години.
Центарот има подземни тунели долги над 60 километри за складирање на нуклеарното гориво. Тунелите ќе бидат изградени на длабочина од 500 метри.
На проектот се работело над 40 години, а во неговата изработка биле вклучени експерти од универзитети, истражувачки институти и високообразовни институции во Шведска и надвор од земјата. Со изградбата на центарот ќе се создадат околу 1.500 работни места. Откако ќе се добијат сите дозволи и лиценци, ќе бидат потребни околу 10 години за да се изгради центарот.