Британските здравствени власти истражуваат нова варијанта на коронавирусот што би требало да има комбинирани карактеристики на варијантите омикрон и делта, објавија британските медиуми.

Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство објави дека ја следи и истражува новата варијанта. Варијантата е откриена во Велика Британија, се вели во извештајот на агенцијата.

Конкретни детали за варијантата се уште не се објавени, а не се знае ниту колку случаи се откриени досега. Новата варијанта, позната и како делтакрон, досега не е идентификувана како причина за загриженост.

Загриженоста за варијантата делтакрон првпат се појави на почетокот на оваа година кога кипарски научник објави дека открил варијанта на делтакрон. Британската варијанта не е поврзана со она што било откриено на Кипар.

Омикрон за прв пат беше откриен во ноември 2021 година и брзо се рашири низ светот. Оттогаш, се покажа дека омикрон предизвикува генерално поблага клиничка болест во споредба со делта.