Со новиот производ, #ДобриКартички, платформата за одржлив развој „Лице в лице“, во чии рамки излегува и истоименото улично списание, годинава ја одбележува десетгодишнина од својата работа и постоење, што е една од бројните активности што се планираат.
Прославуваме деценија од делувањето на мисијата преку која го унапредуваме квалитетот на животот на ранливите сограѓани, но, и укажуваме на потребата од постоење систем во кој сите се еднакви. Со новите картички, пак, посочуваме дека женските прашања не се само предизвици за жените, туку за сите нас. И со списанието редовно укажуваме на промените кои ни е се неопходни, ако сакаме да чекориме по пат во кој сите имаат еднаков третман и можности. Силно веруваме дека пораките од #ДобритеКартички ќе донесат гласност во борбата против (не)видливата дискриминација, но, и ќе ја поттикнат грижата за себе кај жените – велат од тимот на „Лице в лице“.
Првата едиција на „Добрите картички“ ја креиравме во соработка со нашата позната дизајнерка, Ружица Мандичевска – Руки Чуки.
Се радувам на оваа иницијатива, посебно затоа што е дел од „Лице в лице“. Првичната идеја на повеќето илустрации е да се укаже на еднаквост и на прифаќање на различностите, и затоа, посебно сум среќна што одлично се вклопија во производот #ДобриКартички. Како секој да си работел на веќе зададена мисија, па се најдовме на кратко да го „официјализираме“ производот. Од друга страна, многу сакам родендени и честа да прославам 10 години заедно со „Лице в лице“ е огромна. Пораката е јасна, плус прилично шарена, па затоа, да ги загрееме пенкалцата за пишување картички. Споделете љубов, грижете се за себе и уживајте во секоја минута, порача Руки Чуки.
„Добрите картички“, како „Срце полно љубов. Секој ден“, „Корисникот е недостапен. Ужива во времето посветено на себе“, „Раванија или револуција? Може и двете!“ и уште шест други, за почеток, ќе бидат достапни во книжарниците на „Три“, а во одредени периоди и поводи, ќе ги има и кај продавачите на „Лице в лице“.
Инаку, десетгодишнината на платформата за одржлив развој „Лице в лице“, низ бројки, се одбележува со 49 изданија, 3100 инклузивни страници, 150 вредни продавачи низ улиците на осум градови во земјава, 235.000 отпечатени примероци, и огромен број соработници и поддржувачи.
Поврзани артикли