Научниците со нуклеарна фузија произведоа рекордна количина на енергија, што може да биде пресвртница во борбата против климатските промени.

Истражувачите од експериментот Joint European Torus (JET) во Оксфордшир произведоа топлина од 59 мегаџули за пет секунди, што е еквивалентно на 14 килограми ТНТ. Претходниот рекорд беше во 1997 година, кога беше произведена топлина од 21,7 мегаџули.

Овој успех е резултат на две децении тестирање и подобрување во Центарот за нуклеарна фузија Калам. Тоа беше оценето како главна пресвртница во правењето на оваа енергија одржлива и нискојаглеродна.

„Овие значајни резултати нè доведоа чекор поблиску до надминување на еден од најголемите научни и инженерски предизвици. Јасно е дека треба да направиме значителни промени за да се справиме со ефектите од климатските промени, а оваа енергија нуди голем потенцијал“, рече професорот Иан Чепмен, директор на британската Агенција за атомска енергија (UKAEA).

ЈЕТ е всушност постројка во која високојонизираните гасови се загреваат до 150 милиони степени Целзиусови, што е 10 пати потопло од температурата во јадрото на Сонцето. Атомските јадра се спојуваат на толку екстремно висока температура за да формираат нови елементи и да испуштаат големи количини на енергија.

Експериментите во JET се фокусираа на тоа дали фузијата е изводлива со гориво базирано на два водородни изотопи, познати како деутериум и тритиум, кои се комбинираат за да формираат хелиум.

Овој успех е потврда за спроведување на многу поамбициозен проект на југот на Франција – Итер. Планирано е во 2035 година да започне согорувањето на горивото деутериум-тритиум во Итер. Доколку и Итер биде успешен, следниот чекор е изградба на експериментална електрана во Европа, која ќе произведува електрична енергија.

Тој е извор на енергија кој многу малку придонесува за ефектот на стаклена градина. Еден килограм фузија гориво содржи 10 милиони пати повеќе енергија од еден килограм јаглен, нафта или гас.

Деутериумот е доста достапен во изобилство во морската вода, додека тритиумот е исклучително редок и се произведува во нуклеарни реактори. Се очекува тритиум да се произведува во идните погони, вклучувајќи го и Итер.

Д-р Марк Венман од Империјалниот колеџ во Лондон рече дека ова е показател дека горивото може да се согорува на одржлив начин, без разлика што тоа успеало за пет секунди. Иан Фелс, професор на Универзитетот во Њукасл, нагласи дека овие подвизи сега треба да се користат за ублажување на климатските промени, пишува The Guardian.

Извор: Klix.ba