Утре, 10.02.2022 е последен ден за јавноста да гласа за своите омилени е-трговци кои се номинираа на изборот за најдобрите во македонската е-трговија на првите награди за е-трговија Ecommerce Awards, организирани од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.

Од AETM информираат дека до сега гласале околу 5000 гласачи во 18 категории, поделени во три секции: Шампиони во е-трговија, Најдобри е-трговци во одбрани аспекти на онлајн продавање и Најдобри е-продавници по сектори, каде ќе се додели и главната награда „Е-трговец на годината”.

По завршување на гласањето од јавноста следува гласање од стручната жири комисија, освен за категоријата „Најпопуларна е-продавница” во која наградата ќе се додели единствено врз основа на бројот на гласовите од јавноста. Потоа, ќе се врши евалуација на резултатите за да се одредат победниците во категориите. Прогласувањето на победниците ќе се одржи на манифестација за доделување на наградите во март 2022 година.

Изборот за најдобри во е-трговијата, од една страна ќе ги препознае и награди најдобрите, ќе придонесе за промоција на е-трговијата и подигање на свеста за нејзиниот потенцијал, а од друга страна ќе придонесе за зајакнување на конкурентноста и охрабрување и мотивирање на е-трговците за подобрување и унапредување на нивното работење.

Ecommerce Awards е овозможено благодарение на поддршката од Mastercard како генерален партнер и Отворениот регионален фонд за Југоисточна Европа – Надворешна трговија во рамки на Германското друштво за интернационална соработка GIZ, по нарачка на Германската влада. Златен партнер на Ecommerce Awards e IuteCredit Macedonia, додека Ramstore, Serafimov Group и NLB Banka се сребрени партнери. Комуникациски партнер на иницијативата е А1 Macedonia. Гласањето се одвива преку официјалната веб страница: https://ecommerceawards.mk/glasaj