Xiaomi Mi 10 Ultra беше првиот телефон со брзо полнење од 120W, но Mi 11 Ultra падна на 67W. Најновиот Ultra модел ќе се врати на 120 W, според дојавувачот Digital Chat Station, кој откри некои детали за системот за батерии на телефонот.
Наводно, Xiaomi 12 Ultra ќе има батерија од 4.860 mAh со поддршка за жично полнење од 120 W и безжично од 50 W. Тоа е малку поголема батерија од 12 Pro (за 260 mAh) и истите можности за полнење.
DCS додаде и некои детали – нè очекува 1440p+ Samsung AMOLED панел со висока стапка на освежување, а има и детали за камерата. Според она што го слушнавме претходно, 12 Ultra ќе користи ист хардвер на камерата како и 11 Ultra, но со Leica брендот и нов дизајн.
Главната камера ќе има голем сензор од 50 MP (треба да биде 1/1,12” GN2 сензор), плус ултра широка и телефото од 48 MP (перископ леќа).
Xiaomi сè уште не го потврди постоењето на 12 Ultra и не одреди датум за неговото лансирање. Исто така, останатите модели од серијата 12 допрва треба да станат достапни ширум светот, па можеби ќе помине некое време додека не видиме некој од нив во продавниците.