Македонската компанија ФОЈА, разви иновативно решение за индустриско производство на т.н. модули за кровни градини. Производот е наречен Семпервел, и со него се крати времето за изведба и се намалуваат трошоците за реализација на екстензивните кровни градини. Наменет е за приватни и јавни објекти, може да се изведува на куќи, згради и други рамни кровни површини, а ефектите се корисни не само за сопствениците на објектите, туку и за целата локална заедница. Иновативноста на Семпервел е што ги обединува во единствен процес сите три предходни фази на изведување на кровните градини кои досега се практикувале одвоено. Едноставен за монтажа, отпорен на екстремно ниски и високи температури, со дренажно акумулациони својства, овој производ може да придонесе кон масовно озеленување во нашите градови.
“Во градските средини се повеќе се намалуваат зелените површини, се помалку има простор за растенијата, што е дополнителен мотив за постоењето на кровните градини. Нашата цел е квалитетните, екстензивни, инстант кровни градини спакувани во иновативниот продукт Семпервел, да бидат физички, материјално и технички подостапни! Масовно да се проектираат и изведуваат, првенствено во Македонија, бидејќи обезбедуваат бројни поволности. Претставуваат надокнада на заробените зелени површини под објектите. Ги подобруваат нивните звучни и термички карактеристики, ја штитат изолацијата, штедат енергија. Ја апсорбираат прашината, го прочистуваат воздухот. Создаваат простор – место за куса пауза и одмор. Влијаат на расположението го намалуваат стресот, го убиваат сивилото и внесуваат живот врз бетонските зданија”, вели експертот за хортикултура Ѓорѓи Самарџиев, сопственик на градинарскиот центар ФОЈА.
Во услови кога изчезнуваат зелените површини во нашите градови, а се соочуваме со загадувањето и глобалното затоплување, кровните зелени површини можат да бидат еколошката алтернатива која може многу да помогне велат архитектите. Според нив кровните грaдини стануваат интегративен дел од архитектонскиот и естетскиот изглед на еден објект, особено во густото градско јадро, посебно кога станува збор за компании кои сакаат да креираат место каде вработените може да најдат мир и простор за релаксација.
Кровните градини редуцираат и до 20 отсто енергија за топлење и ладење, и се многу добар звучен изолатор. Брзо ги апсорбираат поројните дождовни води, дел ги задржуваат а вишокот постепено и споро го дренираат, одбегнувајќи поплави во одводната и канализациона мрежа. Кровните градини покрај многубројните еколошки бенефити, ја зголемуваат пазарната вредност на објектите и секако се исплатливи за инвеститорите и корисниците.
Кровните градини го привлекуваат вниманието и даваат посебен белег на една зграда, а сега се подостапни од било кога!
Поврзани артикли