Пред две години Групацијата А1, чиј дел е А1 Македонија, ја лансираше својата 5G мрежа во Австрија. Петтата генерација на мрежата на А1 започна со работа со 350 базни станици, кои се распространети на територијата на 129 општини во алпската земја, а плановите на компанијата предвидуваат нивниот број да расте речиси секојдневно. 5G мрежата на А1 беше лансирана на 25 јануари во Кицбил, Тирол, а на 27 јануари А1 почна да нуди 5G уреди и планови за претплата на своите корисници.
А1 Австрија ја има најголемата оптичка мрежа во земјата со должина од околу 54.000 километри, а во 2019 година компанијата доби тендер за користење на фреквенции во спектарот 3,5 GHz. А1 инвестира околу 450 милиони евра годишно во проширување на дигиталната инфраструктура на Австрија.
Тогашниот австриски канцелар Себастијан Курц, кој присуствуваше на промоцијата на 5G мрежата на А1, коментираше: „Нашата цел е да ја направиме Австрија една од водечките дигитални нации во Европа. Тоа значи дека целата земја има пристап до широкопојасен интернет. За нас е особено важно оддалечените и руралните области да имаат корист од развојот на мобилната технологија“.
5G станува реалност и за македонските граѓани откако А1 Македонија во октомври минатата година ја информира јавноста дека постави 5G мрежа во центарот на Скопје за финално тестирање, со што компанијата со најголем број корисници на мобилна телефонија и најбрз мобилен интернет е на чекор до комерцијално воведување на 5G технологијата за сите корисници.
“Поставувањето на тестната 5G мрежа е уште еден доказ за нашата посветеност и стратешката определба за креирање и воведување најсовремени дигитални решенија, кои овозможуваат нови и напредни дигитални искуства на корисниците. Ова е само почеток на новата индустриската револуција, а 5G е горивото на кое таа работи. Продолжуваме понатаму со интензивни активности за што побрза имплементација на оваа технологија за комерцијална употреба”, изјави за медиумите Методија Мирчев Извршен директор на А1 Македонија.
Новата 5G мрежа ќе овозможи поголема брзина и поголем капацитет, помала латенција и поголема мрежна покриеност во преносот на податоци за кои корисниците веќе и сега имаат реална потреба. Со ова финално тестирање достигната е брзина од 1Gbps за пренос на податоци, реализирано на мобилен телефон кој поддржува 5G мрежа.
За потсетување, A1 Македонија, кон крајот на 2019 година успешно ја заврши првата фаза на тестирање на 5G технологијата во лабораториски услови. Тестовите беа направени со комерцијални терминални уреди во географски ограничена реална средини и ги потврдија очекувањата и можностите на 5G технологијата во насока на остварување огромни брзини, многу ниски латенции и можност за поврзување на интернет на огромен број уреди, односно иновативни апликации на петтата генерација безжична технологија.
Покрај Австрија, новата генерација технологии, 5G, е веќе воведена во компаниите членки на А1 Телеком Групацијата и тоа во Хрватска и во Бугарија.