Генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Гебрејсус, денеска изјави дека би било опасно да се мисли дека екстремно заразниот вид омикрон е последен што ќе се појави во светот и дека ова е крајот на пандемијата.
Сепак, Тедрос додаде дека е можно оваа година да заврши акутната фаза на пандемијата, каде што Ковид-19 претставува глобална здравствена закана, под услов стратегиите и помагалата како тестовите и вакцините да се користат правилно, објави „Ројтерс“.
Говорејќи на отворањето на состанокот на извршното тело, Тедрос истакна дека омикрон е откриен пред речиси 10 недели и дека оттогаш во светот се регистрирани 80 милиони случаи, повеќе отколку во 2020 година.
„Условите се идеални за појава на уште повеќе видови“, додаде директорот на СЗО.
Тедрос посочи дека човештвото може да стави крај на коронавирусот како глобална здравствена закана со исполнување повеќе цели, како што е намерата на СЗО за вакцинирање 70 отсто од населението во сите земји до средината на годината, особено оние што се изложени на најголем ризик од Ковид-19, како и со внимателно следење на вирусот и новите варијанти што се појавуваат.
Поврзани артикли