Научници забележале пригушени сини светла во снегот на Арктикот околу една истражувачка станица во Русија.
По испитувањето на овој феномен, тие заклучиле дека светлината ја предизвикуваат мали биолуминисцентни животни наречени копеподи кои за време на плимата испливале на брегот од блиското Бело Море.
Ваквата убава и мистериозна појава е за првпат забележана, а синиот сјај го забележале биологот Вера Емелијаненко и синот на молекуларниот биолог на станицата, Михаил Неретин, за време на ноќна прошетка на почетокот на овој месец.
Заглавениот планктон почнал да свети откако бил вознемирен од чекорите на научниците и нивните кучиња.
Тие беа како сини божиќни светилки во снегот“, изјави Емелијаненко за „Национална географија“.
Потоа ги проучувале примероците од снегот под микроскоп и откриле дека сјајот доаѓа од ситни ракчиња кои емитуваат бледо сина боја.
Копеподите, наречени и „морски бубачки“, долги се само неколку милиметри.
-Тие се мали, многубројни и претставуваат храна за многу други организми – објаснува морскиот биолог Стивен Хадок од Институтот во Монтереј.
Копеподите го сочинуваат најголемиот дел од биомасата во океанот, според некои проценки. Тие се пасивни пливачи и затоа не можат да се спротивстават на струите.
Овој конкретен вид е идентификуван под латинското име metridia longa и живее во океаните од Хадсоновиот Залив до брегот на американската држава Мејн и преку целиот Арктик.
Сепак, присуството на овие организми на брегот на Белото Море е невообичаено, бидејќи тие најчесто се наоѓаат далеку во морето.
Копеподите обично живеат на длабочини од 25 до 90 метри во текот на денот, а се издигнуваат на неколку метри од површината во текот на ноќта.
Според експертот за арктички морски зоопланктони, Ксенија Кособокова од Руската академија на науките во Москва, копеподите сигурно биле зафатени од моќна морска струја.
Биолуминисценцијата претставува емисија на светлина од жив организам предизвикана од молекулата луциферин.
Самиот луциферин произведува многу слаб, стабилен сјај, но во комбинација со ензимот луцифераза, реакцијата се забрзува и тој сјај станува блесок.
Кај некои копеподи, луциферинот и луциферазата реагираат во телото, но метридија лонга има жлезди на главата и телото кои ги лачат овие хемикалии.
– Тие ги испуштаат тие две молекули истовремено и во водата се формира мал облак светлина – изјави биологот Стивен Хадок.
Научниците веруваат дека метридиите и другите копеподи користат биолуминисценција како одбрана за да ги исплашат предаторите или да им го одвлечат вниманието доволно долго за копеподите да избегаат.
Извор: Objektiv.rs