„Омикрон сојот би можел да биде природна вакцина којашто природата ја создала“, изјавил вирологот, член на Руската академија на науките, Петар Чумаков во интервју за рускиот портал „Ura.news.ru“.

Според неговите зборови, постои оптимистичко мислење дека коронавирусот забрзано поминал во втората фаза од својата еволуција, дека станал позаразен, но и помалку патоген, пренесува „Ura.news.ru“.

„Тоа е добро, затоа што така природата можеби создала жива вакцина против коронавирусот. Значи, луѓето кои ќе се разболат и ќе го прележат овој сој на коронавирусот ќе станат отпорни на соевите кои предизвикуваат болести“, објаснил рускиот виролог.

Благодарение на појавата на омикрон сојот, како што тврди Чумаков, светот би можел да заборави на заклучувања. Меѓутоа, сè уште не е познато дали тој сој ќе ги потисне другите соеви на коронавирусот.

Светската здравствена организација соопшти дека новиот сој на коронавирус B.1.1.529 (омикрон), предизвикува загриженост.

Според досегашните заклучоци на експертите, со новиот сој на коронавирусот можат да се заразат и луѓето кои веќе прележале коронавирус, како и вакцинираните, додека пак симптомите на истиот варираат – од умор, главоболка до болки во телото.