Намалувањето на бројот на заболени и починати како последица од консумирање производи кои согоруваат тутун треба да биде приоритет и цел на сите здравствени организации, е заклучокот од панелот за влијанието на електронските цигари и другите помалку штетни алтернативи врз здравјето на светското население,одржан во рамките на Виртуелниот самит за е-цигари. На самитот учествуваа некои од водечките експерти од областа на здравјето и научното истражување.
Од појавата на електронските цигари и производите за загревање тутун, спроведени се безброј студии за нивното влијание врз намалувањето на потрошувачката на традиционалните цигари, како и за подобрување на општото здравје на населението. Додека многумина на почетокот беа скептични, денес науката јасно зборува во корист на помалку штетните алтернативи како начин на одвикнување од пушење но и начин за подобрување на здравјето на светската популација.
„Постојат сè повеќе докази за поддршка на премисата дека главниот проблем со цигарите е согорувањето на тутунот, а не консумацијата на никотин“, рече Роберт Бигл, почесен професор од Универзитетот во Окленд, Нов Зеланд, кој додаде дека „за да се намали инциденцата на лица кои заболеле или умреле како последица на пушењето, потребна е поголема соработка на сите светски релевантни организации“.
Според податоците на Светската здравствена организација, во светот годишно умираат околу 8 милиони луѓе, а се проценува дека од таа бројка 80 отсто се поврзани со консумирање цигари, односно близу 20.000 смртни случаи дневно.
Сепак, експертите се согласни дека ставовите на надлежните организации и институции се поделени, иако многубројните студии јасно укажуваат дека употребата на помалку штетни алтернативи е подобра во споредба со класичните цигари, и дека води кон откажување од пушење и намалување на болестите поврзани со пушењето.
„Додека Националната здравствена служба на Обединетото Кралство и американските центри за контрола и превенција на болести го охрабруваат преминот од традиционалните цигари на помалку штетните алтернативи, Светската здравствена организација вели дека таквите производи се исто така штетни за здравјето, испраќајќи мешани сигнали кои ги збунуваат луѓето“, вели Д-р Џејми Хартман-Бојс, водечка авторка на прегледот на Кошран за откажување од пушење. Според неа, неопходно е усогласување на позициите на водечките организации како би можеле до 2030 година да живееме во свет без чад од тутун.
„Од појавата на помалку штетни алтернативи, има значителен пад на бројот на пушачи и зависности од никотин, а ова е непобитен доказ дека електронските цигари и слични производи се подобри од традиционалните цигари“, заклучил Роберт Вест, професор по психологија на Универзитетскиот колеџ во Лондон.
Како и со секоја новина на пазарот, луѓето првично беа скептичникон помалку штетните алтернативи на цигарите. Меѓутоа, денес, податоците од земји како Шведска, Норвешка, Јапонија, Исланд, САД и Нов Зеланд, каде што употребата на овие производи е зголемена, но и бројот на пушачи на цигари е намален, јасно укажуваат дека прифаќањето на помалку штетни алтернативи е начин на ослободување на луѓето од цигарите.
Учесниците на панелот се согласуваат дека е потребен заеднички напор на надлежните здравствени организации за да се ослободиме од тутунскиот чад, кој е докажано штетен, не само за пушачите, туку и за сите луѓе околу нив.