Работилница на тема „Дигитална трансформација, податоци и вештачка интелигенција во Западниот Балкан” од денеска до сабота ќе се одржи во Скопје. Работилницата ја организира Заедничкиот истражувачки центар на Европската Комисиja, а коорганизатори се Уиверзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите Нации (FAO) и Глобалното управување со гео-просторни информации на Обединетите Нации (UN GGIM).
На отворањето на работилницата најавени се обраќања на министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири, ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски, Карлос Торецила Салинас, шеф на единицата во Заедничкиот истражувачки центар при Европска Комисија, Џулијан Васало, заменик шеф на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија и Трајан Ангелоски, претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија.
На тридневниот настан најавено е учество на околу 50 учесници од 11 земји.
Целта на работилницата, како што се наведува, е да се утврдат сегашните капацитети и можностите на земјите од Западен Балкан да се вклучат во остварување на амбициите што ги има Европската Унија, а тоа е да стане светски водечки регион за развој и користење на вештачката интелигенција, која би била етичка и безбедна, а во центарот би бил човекот.
Работилницата ќе се одржи како хибриден настан, со физичко присуство и на платформата Зум.