- „Mastercard“ во соработка со македонското Министерство за информатичко општество и администрација (МИОА) ги претстави првите услуги за дигитален идентитет на далечина во земјата достапни за македонските граѓани
- Преку услугата обезбедена од НЛБ Банка Скопје, на клиентите им се нуди можност за далечинско електронско потпишување правно обврзувачки документи преку идентификациската услуга (ID Service), услуга за дигитален идентитет на „Mastercard“ овозможена од „Евротраст“ (Evrotrust)
Република Македонија ја претстави првата Национална програма за дигитален идентитет – во партнерство со „Mastercard“ – со цел унапредување на аспирациите за дигитална економија на земјата. Благодарејќи на партнерството помеѓу „Mastercard“ и македонското Министерство за информатичко општество и администрација (МИОА) – првично најавено на почетокот на 2020 година – достапни се услугите на дигитален идентитет и поврзаните услуги, како што се дигитално потпишување и верификација на документи за сите македонски граѓани.
Инфраструктурата за националната услуга за дигитален идентитет е обезбедена од страна на ID Service – услуга за дигитален идентитет на „Mastercard“, управувана од „Evrotrust“ – обезбедувајќи целокупна услуга на дигитална идентификација на паметни телефони. На овој начин, документите се потпишуваат електронски со исто правно дејство како и своерачниот потпис, што претставува уште еден чекор кон дигитализација на администрацијата и на услугите во Северна Македонија.
Првата организација што ја користи услугата ID Service управувана од „Evrotrust“ е НЛБ Банка Скопје. Првиот случај на користење на услугата се состои од интеграција на електронскиот потпис во секојдневните работни активности на Банката. Збирот услуги ќе биде збогатен и проширен зависно од потребите на клиентите и нивните навики, однесувањето, како и еволуцијата на користењето на услугата, при што главна цел е овозможување целосна дигитализација на сите производи и услуги на Банката. Услугата за дигитален идентитет обезбедена од НЛБ Банка Скопје ќе овозможи електронско потпишување правно обврзувачки договори директно преку мобилните уреди на клиентите, без притоа да има потреба да се посетуваат филијалите на Банката или, пак, да се користат токени, картички или УСБ-уреди.
„Ова претставува огромен успех за НЛБ Банка Скопје и за целокупниот тим што работеше на спроведување на решението, заедно со нашиот партнер ’Mastercard‘. Со услугата за дигитален идентитет ID Service, идентитетот на клиентите може да се утврдува на далечина, електронски да се споделува документацијата и, на крај, клиентите да праќаат електронски потпишан документ. Благодарејќи на ова супериорно корисничко искуство, клиентите ќе уживаат во целосна флексибилност во вршењето на банкарските услуги. Ќе продолжиме да работиме на нашата дигитална трансформација со цел оптимизација и поедноставување на нашата работа со клиентите, како и со цел персонализација на услугите и производите. Нашата цел е да станеме еден вид на финансиско-технолошка компанија со ниво на доверба во банкарските услуги што ќе ни донесе водечка позиција на пазарот.“, изјави Антонио Аргир, претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје.
„Годинава Северна Македонија го одбележува воведувањето на услугата ID service со цел дигитализација на нашето општество, што беше од суштинска важност во текот на пандемијата предизвикана од КОВИД-19. Ја почитуваме посветеноста на сите страни вклучени во спроведувањето на визијата за дигитална економија што ја споделуваме со ’Mastercard‘. Ова е само првиот чекор што го презедовме за постигнување на нашата главна цел заради целосно спроведување на услугата ID service во корист на македонските граѓани“, изјави г. Јетон Шаќири, Министер за информатичко општество и администрација на Македонија.
„Ѝ посакуваме добредојде на Македонија меѓу првите земји во Европа што покажале заложби за дигитализирање од овој вид на највисоко, државно ниво. Целокупниот финансиски сектор може да има корист од воведувањето на идентификациската услуга и од последователната дигитализација на внатрешните и надворешните процеси. Со оваа инфраструктура, бизнисите ќе имаат корист од интеграцијата на клиентите и трговците на далечина, безбедното и сигурно поднесување барање за кредити и/или кредитни картички, верификација на идентитетот и потпишување разни документи, без притоа да има потреба од физичко присуство“, додаде г-ѓа Вања Манова, менаџер на „Mastercard“ за Македонија, Бугарија, Албанија и за Косово.
„Компанијата ’Евротраст‘ целосно ги исполнува највисоките стандарди за сајбер-сигурност на ’Mastercard‘ за информатичка безбедност и криптографија, со што, пак, се овозможува безбедна интеграција на проектот за дигитален идентитет на национално ниво. Решението eID на државните институции им овозможува да вршат вкрстена проверка на дигитално поднесените барања во рамките на националните идентификациски регистри, со цел проверка за тоа дали даден идентитет му припаѓа на соодветното лице“, изјави Александар Станев, главен оперативен директор во „Евротраст“.
По денешното официјално започнување, „Mastercard“ ќе соработува со МИОА со цел проширување на опфатот на националниот дигитален идентитет во Македонија. Процесот ќе вклучува интеграција на повеќе банки, јавни институции, мобилни оператори, осигурителни компании, комунални претпријатија и инвестициски фондови.
Меѓу потенцијалните идни примени на националната услуга за дигитален идентитет се услугата за далечинска интеграција или отворање сметка; владини административни услуги за далечинска интеграција и далечинско потпишување документи на порталот е-Влада, како и интеграција со Системот за управување со документи на Владата со цел да се помогне дигитализацијата на јавниот сектор.