Мумија, за која се проценува дека е стара најмалку 800 години, е најдена на брегот на Перу.

Археолозите утврдиле дека станува збор за останки на лице кое потекнува од заедница која живеела меѓу брегот и планините на споменатата јужноамериканска земја. Мумијата, чиј пол не е идентификуван, е откриена на периферијата на градот Лима, изјави археологот Питер Ван Дален Луна.

„Целото тело беше врзано со јажиња, а рацете го покриваа лицето, што било дел од локалната традиција на погребување. Радиокарбонското датирање ќе ни помогне да откриеме повеќе детали“, додаде тој.

Во гробницата се пронајдени и остатоци од зеленчук, камени алатки и керамика. Вакви предмети во минатото им се нуделе на душите на починатите.

Во Перу има стотици археолошки локалитети кои припаѓаат на култури кои се развиле пред и по империјата на Инките, која се протегала пред 500 години низ Јужна Америка, од Еквадор и Колумбија до централно Чиле.