Минимализмот и животот во мал простот не е за секого, па сепак, оние на кои овој начин на живот им станал прифатлив, не би го менувале за ништо на светот

Движењето „мали куќи“ замав почна да зема на почетокот на 2000-тите, што не значи дека тие не постоеле и претходно. Пред повеќе од три децении, Џорџ Доброволски ја основал Escape Tiny Homes, која денес е една од најуспешните компании во овој домен во Северна Америка.

Vista е перјаница на Escape и веројатно еден од најпопуларните модели. Станува збор за дефиниција за минијатурен домво кој сè е мало, но во исто време удобно и елегантно. Спиењето е предвидено за само две лица, а за разлика од повеќето минијатурни домови, овој е на едно ниво, така што нема поткровје или простор зафатен со скали. Сепак, тој сè уште може да функционира како постојан простор за живеење.

Escape Vista е претставена на почетокот од 2016 година и оттогаш доживеала неколку „рестајлинзи“ и модели, од поголеми до помали, за различни финансиски можности на клиентите. Таа остана исклучително популарна и дефинитивно со право ја носи етикетата некогаш „залепена“ од магазинот Forbes: „најубавиот мал дом на светот“.

Работата е во тоа што се чини дека не можете да ја најдете совршената сива компромисна зона кога станува збор за овие „куќички“. Ако сакате повеќе простор, тие стануваат преголеми, што значи дека се поскапи и помалку мобилни. Ако изберете помал за почесто патување и намалување на трошоците, тоа значи многу потесен простор.

Vista е во состојба да ја премине таа тенка линија и да направи компромис. Мала е, но не оддава такво чувство, благодарение на застаклените површини и минималистичкиот, чист стил, дури успева да се истакне како елегантна алтернатива. Сите куќи на Escape се инспирирани од работата на архитектот Френк Лојд Рајт, но Vista исто така зема директни детали од култната куќа Farnsworth, дизајнирана и изградена од Лудвиг Мис ван дер Рое помеѓу 1945 и 1951 година во Плејн (Илионис). Биле потребни повеќе од 100 дизајни и итерации за на крајот се да биде како што треба.

„Отворете го просторот и отворете се кон светот“, изјавил Доброволски за Forbes во 2016 година. „Поминавме преку 96.560 километри со нашата куќа и сè уште не сме имале никакви проблеми со прозорците. Нашите прозорци се Energy Star, Lov-E, исполнети со аргон. Што се однесува до изолацијата, користиме пена со затворени ќелии. Таа е фантастична и неверојатна за запечатување и заштита од пенетрација на воздух. Одлична е и за поправање и зајакнување на куќата, а во исто време е исклучително лесна“.

Надворешноста е обложена со проѕирни кедрови облоги и метални орнаменти, додека внатрешноста е изработена од масивно дрво и дрвени ламинати во природни бои. Завршната обработка и панорамските прозорци помагаат просторот да изгледа транспарентно. На крајот на краиштата, кога постојано гледате надвор, тешко дека имате време да забележите колку е мал ентериерот, нели?

Почивајќи на прилагодена челична приколка Escape со носивост од 2.721 килограми, Vista има димензии 6,1 x 2,6 x 2,9 метри и нуди простор за живеење од 14,8 квадратни метри. Дефинитивно не е најмалата мала куќа, но сепак е прилично минијатурна. Внатре, добивате канцелариски дел од дневната соба кој служи и како трпезарија, формирајќи во основа квадратен под со маса на преклопување.

До него е кујната, која е неверојатно пространа и се влева во спалната соба со дополнителен простор за складирање. Има и фрижидер со вграден замрзнувач, длабок мијалник, шпорет со две рингли и многу простор на пултот. Ѕидовите имаат плакар и дополнителен простор за складирање, додека прозорските прагови ја нудат истата функционалност без да го загрозат погледот.

На едниот крај има спална соба, која се состои од кревет со интегрирана остава и скриен телевизор, додека другиот е резервиран за бања. Овде ќе наидете на стандардна туш кабина, мал умивалник за раце и тоалет, кој може да биде компостен или Laveo (тип кој го обвиткува отпадот за лесно отстранување без мирис). Vista може да се приклучи на електрична мрежа или да се постави за продолжен офлајн престој, доколку сте спремни да доплатите.

Претставена со основна цена од нешто помалку од 40.000 долари, за Vista сега треба да одвоите 56.700 долари без опциите.  Најдобрите работи во животот сепак имаат цена.

Извор: Додај Гас