Таа ќе се применува со најновиот артилериски систем „Деривација“ и буквално ќе ги сече дроновите на половина или ќе ги фаќа заради собирање разузнавачки податоци.

Инженерите на Нуклеарниот центар на корпорацијата „Росатом“ во ноември 2021 година најавија нов проект, „експлозивна“ мрежа што во воздухот ги сече беспилотните летала на два дела.

Во овој момент, научниците ги комплетираат првите експериментални примероци на овој уред и ги подготвуваат за првото тестирање.

Проектилот содржи комплет блокови за фрлање спакувани заедно со мрежата. Секој блок содржи експлозиви и метални тегови поврзани со еластични елементи за сечење. Кога ќе долета до метата, проектилот ги испукува блоковите во парови, а тие ја развлекуваат мрежата која ги сече дроновите.

Се очекува во борбата против помали беспилотни летала или наведувани авионски бомби овој проектил да биде поефикасен од постоечките, бидејќи контролира поголема зона.

Кои системи ќе ја применуваат оваа мрежа?

„Новиот уред е направен за модерни артилериски системи и ќе се користи во самоодниот противвоздушен артилериски систем „Деривација“, кој е наменет за единиците за противвоздушна одбрана“, вели Дмитриј Литовкин, главен уредник на списанието „Независимое военое обозрение“.

„Деривација“ е пешадиски систем за ПВО кој соборува авиони во низок лет, хеликоптери и дронови, а исто така уништува и бомби и ракети на помали висини. Во случај на потреба, овој систем може да уништува лесно оклопна копнена техника и копнени објекти од артилерискиот автоматски топ со калибар 57 мм и митралезот со калибар 7,62 мм.

Експертот вели дека новиот проектил ќе се користи против воздухопловни цели паралелно со распрскувачките проектили.

„Во овој момент „Деривација“ има проектили кои експлодираат во воздухот и создаваат облак од метални шрапнели и во исто време можат да уништат и неколку воздухопловни цели. Новите проектили ќе ѝ овозможат на армијата да уништува дронови, но и да ги онеспособува и да ги лови за разузнавачки цели“, посочува експертот.

Тој претпоставува дека инженерите ќе направат два проектила од таков тип – едниот помоќен, за уништување летала, и вториот, кој ќе има помала сила, но ќе може да лови дронови и да ги спушта на земја.

„Доколку проектот се развива успешно, оваа мрежа ќе биде корисен додаток на нашиот арсенал, бидејќи единиците за ПВО ќе можат да ловат непријателски дронови и да прибираат разузнавачки информации“, смета Литовкин.

Според него, за развој на проектот и неопходните тестирања ќе бидат потребни 4-5 години, по што новото оружје ќе стане дел од арсеналот на руската армија.

Во меѓувреме, армијата ќе користи и други средства против дронови, на пример радиоелектронски, кои во својот домет можат да ги „заслепуваат“ GPS и радиосигналите, како и електромагнетни топови како REX-1.

Странски еквиваленти

„Вакви „мрежи за сечење“ во странство нема. Таму има автоматски мамки кои истрелуваат мрежи и ловат дронови кога ќе се најдат во дометот. Тие мамки се користат против дронови со мала и средна големина. На пример, американскиот „Предатор“ или турскиот „Бајрактар ​​ТБ2“ не можат да бидат фатени во таква мрежа“, вели Иван Коновалов, директор за развој во Фондот за унапредување на технологиите на 21-от век.

Тој тврди дека руските инженери отишле малку подалеку и направиле мрежа која сече дронови и веројатно може да лови стратешки беспилотни летала. Вистинските способности на новото оружје ќе бидат познати дури по борбеното тестирање.

Извор: Russia Beyond