Во Македонската академија на науки и уметности, пред извесно време се одржа научна дискусија по повод завршувањето на мултидисциплинарниот проект „Социјален пристап и прифаќање на намалување на штети преку наука и истражување“. Овој проект го спроведе Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ, а беше поддржан и од компанијата „Филип Морис Интернешнл“.
Академик Владо Камбовски од МАНУ, Раководител на Центарот за стратегиски истражувања и координатор на проектот, ги образложи правните аспекти при креирање јавни политики за контрола на тутунот во Македонија. Камбовски го посочи концептот за намалување на штетите и глобалната стратешка и регулаторна рамка во однос на намалување на штетата од пушењето.
„Здравствените политики за контрола на тутун креирани од институциите, особено е важно да се насочат кон поттикнување на иновациски развој, заради поддршка на интегрирана политика за превенција и контрола, со зголемување на финансиски вложувања за истражувачката дејност во областа на намалување на ризикот од тутун, технолошки иновации за намалување на штетата, во случаите во кое поединците немаат волја или моќ да се откажат од пушење и во истражувачки проекти на континуирано следење и евалуација на постигнатите резултати“, посочи Академик Камбовски.
Раководителот на Центарот за стратегиски истражувања и координатор на овој проект истакна дека Светската здравствена организација долго време стои на позициите дека со сите инструменти и мерки треба да се оди на откажување од пушењето и до ден денес останува на тоа стојалиште. Сепак, соочувајќи се со една нова реалност каде што, низ научните истражувања на производителите се пробија и алтернативи на пушењето, СЗО мора да заземе став во однос и на тоа прашање.
„Последниот извештај во 2021 година на студиската група на СЗО за регулација на тутунските индустрии е токму фокусиран на концептот на намалување на штетата од тутунот, кој се базира на идејата дека пушачите на цигари кои не сакаат или не можат да се откажат од внесот на никотин треба да имаат помалку штетна алтернатива на конвенционалните цигари. Во него се констатира дека во текот на изминатите две децении постојано се воведуваат нови производи за кои се тврди дека ја намалуваат изложеноста и ризикот, вклучувајќи тутунски производи без чад, е-цигари и уреди за загревање. Бидејќи овие уреди се развиваат брзо и на повеќе пазари, тешко е научните истражувања да ја следат појавата на сите овие нови производи. Поради тоа е нужно вложување во наука за да се потврдат сите претпоставки дека тие се навистина медицински алтернативи за пушењето“, нагласи Камбовски.
Според него, новите тутунски производи и тутунските производи во развој кои се различни од цигарите, се дизајнирани значително да го намалат или елиминираат ослободувањето на штетни и потенцијално штетни хемикалии, а истовремено колку што е можно повеќе да го зачуваат вкусот, сетилното искуство, профилот на испорака на никотин, како и ритуалните карактеристики на цигарите. Токму, користењето на новите тутунски производи со намалена штетност за пушачите, најверојатно ќе резултира со намален вкупен ризик по здравјето на населението во целина, вклучително и за оралното здравје.
Од друга страна, Стратешкиот пристап на Македонија кон тутунопроизводството во следниот петгодишен период останува во дадената рамка на обезбедување услови за негов одржлив развој со значајно учество на мерките на финансиска поддршка и повеќегодишно буџетско и стратешко планирање заради негова поддршка, поттикнување на соработката на сите чинители во тутунскиот сектор, како и нивно навремено подготвување за прилагодување кон заедничката земјоделска политика на ЕУ. Притоа, како потписничка на РККТ на СЗО, државата е обврзана да ги прифати и примени сите стандарди на производството на тутун и тутунски производи, наложени со интересите за заштита на јавното здравје, како и политиката и препораките на СЗО, која има мандат да влијае врз националните политики на државите членки и да ги следи и оценува нивните резултати во остварување на прокламираната цел за целосна елиминација на пушењето тутун како најсериозен ризик за тешки незаразни хронични болести.
„Оттука, стратешката определба за одржлив развој на тутунопроизводството vis-à-vis
контролата и редукцијата на користењето тутун на РККТ, создава ситуација во која концептот на намалување на штетата од користењето на тутун е распнат помеѓу две противположни барања: за поддршка и развој на производството на тутун и тутунски производи како важна стопанска гранка, за која е врзана егзистенцијата на повеќе илјади семејства; и за контрола, забрани, превенција, откажување од пушење или намалување на штетата на огромен број пушачи“, вели Академик Камбовски.
Тој истакна дека анализата на Стратегијата за превенција и контрола на хронични незаразни болести упатува на тоа дека особено недостига конкретизација на активности и мерки што треба да придонесат за намалување на преваленцата на корисниците на тутун, како главен фактор на ризик, преку мерки насочени кон престанување со пушење цигари или намалување на штетата со употреба на алтернативи на пушењето.
„Од тој аспект, стратешкиот пристап поставува недоволно развиено ниво на превенција на ХНБ, со кое не може да ги пресретне целите поставени со Глобалниот акционен план на СЗО за превенција и контрола на незаразните болести 2013-2020 година 12. Во подготовка (нацрт) е Акционен план на Република Северна Македонија за превенција и контрола на незаразни болести до 2025 година, со кого би требало да се надминат слабостите во однос на стратешкото планирање на намалување на негативното дејство на главните фактори на ризик за овие болести, во прв ред на користењето тутун како најзначаен фактор“, посочи координаторот на проектот, Академик Владо Камбовски.