Возачите досега не можеа да дојдат до веродостојни информации за тоа колку батериите на електричните возила ќе го задржат капацитетот во периодот на експлоатација, што ја доведува во прашање одржливоста на нивната инвестиција.
Ова би можело да се промени благодарение на предлогот за нов правен инструмент за осигурување на минимална трајност на батериите инсталирани во електричните и plug-in хибридните автомобили, одобрен од Светскиот форум за хармонизација на регулативите за возила (WP.29), чиј домаќин е Економската комисија на ОН за Европа (UNECE). Оваа одлука е поддржана од Канада, Кина, Јапонија, Република Кореја, Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Соединетите Американски Држави и Европската Унија, а целта е да се регулира деградацијата на батериите.
Новите одредби, развиени како Глобална техничка регулатива на ОН (GTR), ќе бараат од производителите да потврдат дека батериите инсталирани во нивните електрични возила (EV) ќе изгубат помалку од 20% од нивниот почетен капацитет во текот на 5 години или 100.000 km и помалку од 30 % над 8 години или 160.000 km.
Со тоа би се спречила употребата на батерии со низок квалитет, со што би се осигурало во електричните возила да се вградуваат само трајни батерии. Ова е клучно за зголемување на довербата на потрошувачите и за подобрување на еколошките перформанси на електричните возила. Подолгиот век на траење на секоја батерија ќе помогне да се намали потребата од суровини потребни за нивно производство и да се намали отпадот од искористените батерии.
Според предложената регулатива, точни информации за состојбата и преостанатиот капацитет на батеријата ќе бидат достапни бесплатно на сопственикот на возилото. Ова ќе обезбеди и вредни информации за клиентите на пазарот на користени електрични возила.
Секое возило ќе треба да го пријави статусот на батеријата до релевантните национални или регионални власти, преку безжичен пренос на податоци или на друг начин што ќе се утврди во зависност од локалните услови.
Договорениот предлог ќе биде ставен на гласање на седница на WP.29 во март 2022 година. Земјите кои ќе гласаат за новиот правен текст ќе треба да го пренесат во нивното национално/регионално законодавство со одредена временска рамка за стапување во сила на новиот закон, кој може да стапи во сила веќе 2023 година.
Извор: Додај Гас