Лекции и заклучоци од конференцијата за е-трговија
Во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, на 12-ти ноември се одржа Четвртата конференција за е-трговија, во хибриден формат, односно со истовремено физичко и онлајн присуство.
COVID-19 значајно го забрза растот на е-трговијата – компаниите мораа да се адаптираат со цел да ги одржат своите бизниси, да стигнат до нови потенцијални клиенти и да компензираат за падот на физичките локации за време на рестриктивните мерки и карантините. Е-трговијата одигра исклучителна улога во процесот на адаптација. Како резултат, денес компаниите се подготвени или „Ready”, и поставени или „Set” за забрзан раст на нивниот бизнис или „Grow”. Оттаму и темата на ова четврто издание го носеше наслов „E-commerce: Ready, Set, Grow!”.
Четвртото издание беше првото хибридно издание и воедно најголемото досега. На конференцијата присуствуваа речиси вкупно 500 учесници, а свое излагање имаа 28 искусни говорници од 10 земји од светот. Програмата на конференцијата беше фокусирана на дигитализацијата и дигиталната нација кои се неопходни за да се задржи раст на е-трговијата предизвикан од глобалната пандемија, на безбедноста и на иновативните е-плаќања, како и на „триаголникот” на довербата, технологијата и регулативата, на влијанието на COVID-19 врз е-трговијата во Македонија и во Европа, на регионални и глобални лекции и трендови во дигиталниот маркетинг, како и на улогата на жените во дигиталниот свет и во е-трговијата.
Во продолжение, ви ги претставуваме петте клучни заклучоци од овогодинешната конференција:
1. ПРОДОЛЖУВА РАСТОТ НА Е-ТРГОВИЈАТА ВО МАКЕДОНИЈА, ОСОБЕНО КОН ДОМАШНИТЕ Е-ТРГОВЦИ
Е-трговијата значајно го промени однесувањето на потрошувачите и предизвика забрзан раст на онлајн продажбите. Едно од главните прашања кое се поставува е дали и колку овој раст ќе се задржи и по олабавување на мерките и враќање на економијата во нормала.
На конференцијата беше промовирана годишната Анализа на е-трговијата 2021 година со наслов „Преглед на е-трговијата во Република Северна Македонија и споредба со регионот и европските земји, 2021 година”, а Претседателката која е ко-автор на истата ги презентираше клучните сознанија. Охрабрувачки е што согласно последните податоци на НБРСМ, во првото полугодие од 2021 година анализирано според обемот и вредноста на онлајн трансакциите растот продолжува со добра динамика.
Во текот на првото полугодие од 2021 година, 195 милиони евра се слеале кон домашните е-трговци, од кои 63% од купувањата се реализирани од домашни купувачи, односно со домашни платежни картички. По троцифрени раст од 135% во вредноста на е-трансакции реализирани кон домашните е-трговци, растот продолжува и во првата половина на 2021 изнесува 77%.
Евидентна е промената во структурата на онлајн трансакциите во полза на домашните е-трговци. Во првата половина годинава вкупната вредност на онлајн трансакциите изнесува 233 милиони евра, од кои 83% се кон домашни е-продавници. Во 2020 година учеството изнесуваше 74%, наспроти 43% од трансакциите во 2019 година.
Придонес кон растечкиот тренд на е-трговијата секако има и зголемената понуда на производи и услуги онлајн – во првите шест месеци од 2021 отворени се над 200 нови е-продавници.
Сето ова, придонесува кон раст на учеството на онлајн трансакциите во вкупните трансакции со платежни картички – со што изнесува со 5% во 2020 година, за разлика од 2019 година кога овој процент изнесувал скромни 2%.
2. НЕОПХОДНО Е ДА СЕ ЗГОЛЕМИ КОРИСТЕЊЕТО НА ДИГИТАЛНИТЕ УСЛУГИ, МЕЃУ КОИ И ИНТЕРНЕТ БАНКАРСТВОТО
Во Естонија, која е пионер во претворањето на јавните услуги во флексибилни е-решенија за нејзините граѓани и е-резиденти, секогаш се тргнува со промени во владата имајќи го општото добро на граѓаните, економијата и компаниите. Како резултат на ова, владата на Естонија во моментов е речиси 100% дигитализирана. Значајно да се спомене е големата инвестиција која Естонија ја прави во владиниот виртуелен асистент наречен „Бирократ” преку кој можат да се извршуваат речиси сите јавни услуги, како и Агендата за дигитална влада 2030 во која главен фокус ќе се проактивните владини услуги, влада поддржана со вештачка интелигенција за управување со податоци и повторна употреба на податоците, дигитална влада насочена кон граѓаните и зелена дигитална влада.
Во Република Северна Македонија, пак, дигитализацијата на јавните услуги се уште е на почеток. Преку неколку конкретни примери за свои услуги ФИТР на конференцијата истакна дека започнува со алатки за поддржување на проекти за дигитализација на владата – преку финансирање на дигитален асистент за вештачка интелигенција, во рамки на штотуку започнатата иницијатива за донесување на стратегија за вештачка интелигенција. Од неодамна е формирана и работна група за изработка на национална стратегија за вештачка интелигенција.
Согласно последните достапни податоци од Еуростат (2020), само 19% од македонските интернет корисници корстат е-банкарство, додека просекот во ЕУ е 66%. Покрај во е-банкарство Македонците се значајно под европскиот просек кога станува збор за користење на интернетот за праќање маилови, пребарување податоци за производи и услуги и сл. Значајно над европскиот просек се во телефонирање и видео повици и социјални медиуми, додека први во Европа се во користење на интернетот за ставање на содржини на социјалните медиуми.
Но, мора да се нагласи дека едукацијата е клучен сегмент на кој е неопходно да се работи во иднина со цел што е можно повеќе граѓани да ја сфатат потребата на дигитализацијата. Граѓаните и компаниите треба да бидат свесни дека сaмо преку понатамошна трансформација кон дигитално и смарт општество и искористување на предностите на дигиталната економија може да се задржи растот на е-трговијата и воопшто да напредува државата во секој сегмент.
3. БЕЗБЕДНОСТА И ДОВЕРБАТА СЕ КЛУЧНИ ЗА Е-ТРГОВИЈАТА
Една од клучните теми во е-трговијата е довербата кон технологијата. Меѓутоа стекнувањето на довербата и обезбедување на соодветно ниво на заштита во онлајн светот носи многу предизвици и е доста комплексна тема на која треба да се пристапи со големо внимание, особено земајќи го во предвид предизвикот кој новите технологии како блокчејн/криптовалути и вештачка интелигенција го носат.
Заклучокот на овогодинешниот панел на тема „Поврзаноста на довербата, технологијата и регулативата” беше дека потрошувачите треба да бидат внимателни, а не скептични, но со отворен ум (и очи) кон новите технологии и потенцијалот што истите го носат, додека од друга страна е-трговците за да ја зголемат довербата во своите бизниси треба да бидат подготвени да постапуваат транспарентно во секоја ситуација и да ја разберат целосно обврската која ја имаат кон личните податоци на потрошувачите. Совршен пример за адаптација на нова технологија за која имало скептицизам во почетокот се безконтактните плаќања („contactless”) со платежна картичка, чие успешно прифаќање на пазарот претставникот на Mastercard посочи дека се должи на едукација на крајните корисници – нешто што е од значително значење при адаптација на нови технологии и треба да го применуваат сите финансиски институции, регулаторни тела и останатите ентитети поврзани со имплементација.
За актуелната регулатива за заштита на лични податоци, едногласно беше потврдено дека е од исклучително значење бидејќи става фокус на заштита на личните податоци уште од почетокот на отпочнување на еден проект, нуди насоки за како да се проценат ризиците и како да се постапи во ситуации во кои има нарушување на приватноста. Несомнени се бенефитите од овој тип на регулатива, меѓутоа истата не е совршена и има простор за подобрување. За воведувањето на дополнителни регулативи, на пример кои би ги регулирале алгоритмите и нивното користење, заклучокот беше дека за сега само-регулацијата е доволна, но размислувањето на учесниците во панелот беше дека во иднина многу веројатно ќе се соочиме и со закони кои би го регулирале начинот на работа на алгоритмите.
4. ИНКЛУЗИВНОСТА И РОДОВАТА ЕДНАКВОСТ СЕ ПОТРЕБНИ ЗА ПОДОБРИ ПЕРФОРМАНСИ НА КОМПАНИИИТЕ
Речиси сите студии на тема родова еднаквост на работното место водат до еднакво сознание – поголемата застапеност на жените на високи позиции во компаниите води по подобри перформанси. И покрај тоа, застапеноста на жените на водечки позиции и понатаму е многу ниска (само 24 жени се CEO на Fortune 500 во 2020 година, или помалку од 2019 кога биле 32). На панел дискусијата на оваа тема, три жени на водечки позиции кои креираат одлични перформанси за нивните компании говореа за нивното искуство и ставови на оваа тема, како и за е-трговијата во нивните компании.
За поголема вклученост на жените потребен е холистичен пристап – инклузивна корпоративна култура која ќе го валоризира подеднакво трудот и квалитетите и охрабрување на жените да целат и се стремат повисоко (недостатокот на амбициозност беше истакнат како една од причините, а која се должи во голема мера и на мајчинството). Говорничките се сложија дека воведувањето на квоти е потребно со цел забрзување на патот и креирање поголеми можности за еднаква застапеност. Тимовите со еднаква застапеност на мажи и жени се поефективни, а перформираат подобро и во креирање на профит и продажби.
На крајот на сесијата беше најавена новата иницијатива на АЕТМ која наскоро ќе биде лансирана, т.н. „Алијанса за родова еднаквост на работното место” чија мисија е промовирање на родовата еднаквост на работното место и овозможување еднакви права, еднакви можности и еднакво валоризирање на трудот.
5. ПОТРЕБНО Е ПОСТОЈАНО УЧЕЊЕ, МЕНУВАЊЕ И ПРИМЕНА НА НОВИ АЛАТКИ И ТАКТИКИ
Во денешниот свет на брзи промени, а особено по COVID-19 и зголемената онлајн побарувачка, компаниите мораат брзо да се адаптираат на новите услови со цел да го одржат нивниот бизнис. Тоа вклучува и учење, менување и примена на нови маркетинг алатки и тактики согласно моменталните услови на пазарот.
Според споделеното искуство од регионалните маркетплејс платформи, може да се заклучи дека социјалните медиуми и еmail newsletter кампањите иако се едни од постарите дигитални алатки се уште носат одлични резултати кај потрошувачите. Гејмификација исто така е една од клучните тактики кои носат раст на бизнисите и кои носат одлични резултати во поглед на нови клиенти, подобри резултати и зголемување на продажбите. Потрошувачите се повеќе се на мобилните уреди, а компаниите мораат не само да инвестираат во градење на мобилни апликации туку да креираат квалитетни процеси и UX.
Но, покрај дигиталните алатки кои веќе подолго време се користат од компаниите, изнаоѓањето на иновативни начини за промоција – вклучувајќи ги апликациите за комуникации како Viber, апликациите за стриминг на музика како Spotify и користење на лајв стриминг, blind boxes или виртуелни чет ботови исто така може позитивно да влијае на резултатите од интегрираните маркетинг комуникации на компаниите. Компаниите треба постојано да се подготвени за учење и примена на нови и иновативни алатки и тактики.
Поврзани артикли