Науката го препознава концептот на намалување на штетите при креирањето на политиките е главниот заклучок од научна дискусија која се одржа во Македонската академија на науки и уметности, а по повод завршувањето на мултидисциплинарниот проект „Социјален пристап и прифаќање на намалување на штети преку наука и истражување“. Овој проект го спроведе Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ, а беше поддржан и од компанијата „Филип Морис Интернешнл“.

Професор Д-р. Љупчо Пејов од Институтот за хемија при ПМФ истакна дека неговата улога во овој проект била изучување на хемијата и посебно физичката хемија на согорувањето на тутунот кај конвенционалните цигари и оние алтернативни трансформации кај иновативните продукти кои што вклучуваат контролирано загревање на тутунот.

„Тутунот е комплексен материјал. Во неговиот состав влегуваат голем број конституенти, од кои што голем дел се од природно потекло, меѓутоа значаен дел произлегуваат од неговиот претходен технолошки третман, а дел се додаваат како адитиви. Кога ваков комплексен материјал ќе се подложи на самоодржувачка реакција на оксидација, на висока температура (кај конвенционалните цигари се работи за согорување при температура од над 600 степени целзиусови), особено во отсуство на доволен вишок на кислород, се генерираат околу 7.000 супстанци. Значаен дел од овие супстанци се генерираат во форма на многу ситни цврсти честички, чии димензии се во рангот на микро и нанометри и мошне ситни капки, повторно во рангот на микро и нано димензии. На таков начин се генерира чадот од цигарите, кој што е еден комплексен мултифазен систем кој што обично во научен контекст се нарекува аеросол“, истакна Пејов.

Според него, чадот од цигарите претставува аеросол и чадот од конвенционалните цигари е штетен затоа што значаен дел од овие 7.000 конституенти се со потврдено или со потенцијално токсично дејство. Најмалку шеесетина од нив, пак, имаат канцерогено дејство, кое што е клинички потврдено. Но не секој аеросол претставува чад.

„Мојата улога во овој проект беше да се направи еден преглед на досега достапната научна литература, која што се занимавала со изучување на хемискиот состав на чадот од конвенционалните цигари и на аеросолот генериран од уредите со контролирано загревање на тутунот. Во последната фаза од проектот, во соработка со академик Проф. Д-р. Александар Димовски и Проф. Јасмина Тониќ-Рибарска почнавме и некои сопствени истражувања, кои што се надеваме ќе дадат барем скромен прилог кон она што досега го имаме во светската литература“, посочи професорот од Инстутот за хемија.

Пејов истакна и од каде произлезе неговиот интерес за оваа област како теоретичар.

„Непосредно пред разговорите со Филип Морис, во едно најеминентните списанија од областа на физичката хемија на American Chemical Society – Journal of Physical Chemistry A, излезе една пилот пионерска студија со примена на методите на квантната физика и квантната хемија за тоа што се случува со молекулата никотин, кога се загрева при различни температури или кога ќе биде подложена на оксидација во симулирана атмосфера која што ги симулира реалистичните услови кај конвенционалните цигари. Студијата беше многу интересна, но сметавме дека може да ја надополниме и дека можеме и ние да дадеме свој придонес во развојот на нови теориски методологии“, нагласи Пејов.

Тој истакна дека направиле детална студија на досега достапната литература и податоци, од анализата на составот на чадот од конвенционалните цигари и аеросолот кој што се генерира од уредите за контролирано загревање на тутунот.

„Она што мене фасцинираше од самиот почеток е бројноста, но повеќе темелноста на истражувањата, бидејќи секако дека тутунот е продукт кој што е несомнено важен материјал и кој го користат повеќе конзументи. Посебно ме фасцинираше тоа што применетите методи за анализа се воглавно нетаргетирани. Тоа значи дека тие претендираат да го разрешат прашањето за целокупниот хемиски состав на чадот од конвенционалните цигари и аеросолот генериран од алтернативните уреди“.

Професорот Пејов ги истакна и резултатите од овие истражувања: „Аеросолот што се генерира при контролирано загревање на тутунот содржи околу 530 конституенти, додека во чадот генериран од конвенционалните цигари има дури околу 7.000 конституенти. Ова укажува на една многу важна карактеристика на аеросолот генериран од алтернативните уреди за контролирано загревање на тутунот. Овие уреди генерираат аеросол кој што просто не содржи алтернативна палета на потенцијално штетни конституенти, туку е едноставно подмножество на множеството конституенти на чадот од конвенциоиналните цигари. Концентрациите на потенцијално штетни конституенти се во најголем број намалени за дури 90 проценти во споредба со нивната концентрација кај чадот од цигарите“, потенцираше Проф. Д-р Љупчо Пејов.