Ова е главниот заклучок од денешната научна дискусија која се одржа во Македонската академија на науки и уметности, а по повод завршувањето на мултидисциплинарниот проект „Социјален пристап и прифаќање на намалување на штети преку наука и истражување“. Овој проект го спроведе Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ.

– Денес, општоприфатен е ставот дека комплетното прекинување со пушење е најефективна стратегија за намалување на штетата од употребата на тутун. Зависноста од тутун во споредба со другите зависности е најраспространета и токму тоа е и причина што мерките за нејзино сузбивање даваат слаби резултати. Токму затоа, во многу земји сè поприсутно е прифаќањето на концептот за намалување на штетите од пушењето по јавното здравје.“ Ова го истакна академик Владо Камбовски на денешната научна дискусија.

Како што објасни Камбовски, изведувањето на овој проект е поттикнато од научните истражувања и сознанија кои го акцентираат пушењето цигари како еден од најзначајните ризик фактори за појава на хронични болести (кардиоваскуларни заболувања, хронични респираторни заболувања, преканцерогени и канцерогени заболувања, метаболни заболувања), влијаејќи на квантитетот и квалитетот на живот на луѓето во земјата и намалената продуктивност на работната сила. Тој истакна дека науката во Северна Македонија досега многу малку се осврнувала на концептот на намалување на штетите при користење на тутунот, а тоа е многу важно прашање кое е препознаено во многу индустриски гранки. Тој изрази надеж дека резултатите од студијата ќе најдат примена и дека концептот за намалување на штетите ќе може да се примени и кај други зависности.

Според Министерот за здравство д-р Венко Филипче, истражувањето кое го спроведе МАНУ има големо значење бидејќи ќе придонесе за подигање на свеста во државата за проблемот со пушењето и можностите кои постојат за намалување на штетните ефекти.

„Овој проект има повеќекратно значење, особено што науката се вклучува во посочување на мерки и препораки за превенција и намалување на штетите од пушењето. Многупати досега преку проектите на Министерство за здравство покажавме дека научната дебата е многу битна за креирање политики. Особено ни е драго што највисоката научна институција во земјата за прв пат спроведува ваков тип на истражување во поглед на концептот на намалување на штетите и верувам дека заеднички ќе ги евалуираме резултатите од студијата во програмите на Министерството за здравство“, рече министерот Филипче.

За концептот за намалување на штетите зборуваше и г-дин Иван Костиќ, генерален директор на Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп (ФМТКП) ДОО Скопје. Тој посочи дека компанијата вложува многу труд да ја убеди јавноста, научната заедница и секако регулаторите, во научните докази кои недвосмислено велат дека примената на концептот за намалување на штетите е многу подобро решение од тоа да се остане статус кво.

„За нас претставува огромна чест што и Македонската академија на науките и уметностите покажа разбирање и се вклучи во самостојно прoучување на нашата наука потврдувајќи ја важноста на ова прашање. Иако се знае дека тутунопроизводството е од исклучително значење за македонската економија, сепак, јавното здравје е секако врвен приоритет, а со тоа и примената на концептот за намалување на штетите од неговото користење станува нужен. Токму овој концепт треба да обезбеди поврзување помеѓу економските аспекти на тутунопроизводството и социјалните, односно здравствените аспекти“, рече Костиќ и нагласи дека позитивен знак е дека сè повеќе научни профили од областа на медицината, економијата, правото и други научни гранки се интересираат за концептот за намалување на штетите при користењето на тутун.

Според учесниците во проектот, постојат проблеми и дилеми со оданочувањето на иновативните тутунски производи кои произлегуваат од широко распространетото гледиште на владите на голем број земји дека даночните приходи од цигарите и другите тутунски производи се значаен извор на буџетски средства, поради што, и при оданочувањето на иновативните производи од тутун се преферира и преовладува мотивот за „полнење“ на националните буџети наспроти мотивот за заштита на јавното здравје.

„Ваквата логика на размислување е погрешна бидејќи, долгорочно гледано, општеството ќе плати високи трошоци за лечење на заболувањата и другите штетни последици предизвикани од континуираното пушење на класични цигари“, наведе Акамедик Таки Фити кој учествуваше во научната дискусија.

Затоа се заклучува дека традиционално позната како земја на одгледување тутун, Република Северна Македонија треба да ги има предвид добрите глобални пракси за концептот за намалување на штети при користењето на тутун, како би можело да се креираат соодветни политики што би придонело кон подобрување на квалитетот на живот на македонските граѓани и подобрување на продуктивноста.

Во проектот учествуваа и истражувачи, професори од Македонската Академија на Науки и Уметности и Центарот за стратегиско истражување „Ксанте Богоев“, академик Владо Камбовски, координатор и раководител на проектот, академик Таки Фити, Доп. член проф. д-р Александар Димовски, проф. д-р Јасмина Тониќ-Рибарска, проф. д-р Љупчо Пејов и д-р Елена Мујоска Трпевска, научен соработник. Проектот се спроведуваше 6 месеци, а беше реализиран во соработка и поддршка на ФМТКП.