Компанијата Lenovo подготвува нов модел на лаптоп ThinkBook Plus, кој ќе биде попрактичен, посебно за оние кои се занимаваат со некој вид на цртање.
Добро познатиот дојавувач на Твитер, Еван Блас го откри изгледот на 17-инчниот ThinkBook Plus модел, кој за разлика од сегашниот 13,3-инчен модел нема да треба да се ротира за да се користи e-paper екранот на задната страна. Наместо тоа, новиот модел ќе има екран во боја наменет за цртање, кој ќе биде сместен покрај тастатурата. Ќе се користи за цртање, но и за креирање белешки.
Блас не откри повеќе детали, но се чини дека 17-инчниот ThinkBook Plus ќе има многу широк главен екран, така што на долниот дел ќе има доволно простор за тастатура, голем тракпад и уште еден екран. Се очекува уред со високи перформанси, за да може да се носи со другиот екран.
Засега не е познато кога ThinkBook Plus ќе се појави на пазарот. Lenovo во минатото го резервираше CES во јануари за претставување на своите најдобри лаптопи, но не треба да се исклучи можноста за објава на лаптопи пред новогодишните празници.