Малезиски гинеколог го измислил првиот унисекс кондом во светот кој можат да го користат и жени и мажи.
Како што вели тој, кондомот е многу тенок и издржлив, а изработен е од медицински полиуретан кој најчесто се користи како завој за преврзување на рани и други повреди.
Изумителот на кондомот, д-р Џон Танг Инг Чинг, е гинеколог и основач на компанијата „Twin Catalyst“ која се занимава со производство на медицински материјали.
Тој се надева дека кондомот наречен „Wondaleaf Unisex Condom“ ќе ги поттикне луѓето да преземат подобра контрола над своето сексуално здравје без оглед на полот или сексуалната ориентација.
„Во суштина станува збор за обичен кондом со леплива обвивка. Благодарение на обвивката, кондомот се прицврстува за вагината или пенисот, а го покрива и околното подрачје поради зголемена заштита“, објаснил малезискиот лекар.
На својата веб-страница, Танг напишал дека „лепливиот дел на кондомот се наоѓа само на едната негова страна, но со оглед на тоа што може да се преврти на другата, може да го користи било кој пол“.
Една кутија „Wondaleaf“ содржи два кондома и ќе чини околу 3 евра. Просечната цена за десетина кондоми во Малезија е меѓу 4 и 9 евра.
Д-р Танг вели дека кондомот поминал низ неколку кругови клиничко истражување и тестирање и треба да стане комерцијално достапен преку веб-страницата на компанијата во декември.
„Врз основа на бројните клинички испитувања кои ги спроведовме, јас сум прилично оптимистичен и верувам дека со текот на времето овој кондом ќе биде значаен придонес за многу други контрацептивни средства кои се користат во превенција од несакана бременост и сексуално преносливи болести“, вели гинекологот.
Поврзани артикли