Нуркачот Шломи Кацин пронајде меч стар околу 900 години за кој се верува дека му припаѓал на витез на крстоносните војни. Сечилото долго еден метар го нашол во близина на северниот брег на Израел и го предал на властите. Мечот е обвиткан со морски организми, а се смета дека повторно се појавил поради поместувањето на песокот во тој дел од израелското крајбрежје, пренесе „Би-би-си“.
Израелската управа за антиквитети (ИАА) соопшти дека откако ќе се исчисти и анализира мечот, ќе го изложи на јавно место.
„Мечот, кој е сочуван во совршена состојба, е прекрасно и ретко откритие и очигледно му припаѓал на витез-крстоносец“, изјави инспекторот на Единицата за превенција од грабежи на ИАА, Нир Дистелфелд.
„Возбудливо е да се сретнете со таков личен предмет кој ќе ве одведе 900 години назад во друга ера, со витези, оклоп и мечеви“, рекол тој.
Коби Шарвит, кој раководи со единицата за морска археологија на ИАА, вели дека брегот Кармел, каде што е пронајден мечот, низ вековите бил засолниште за бродовите во време на бури.
„Овие услови ги привлекуваа трговските бродови низ вековите, а тие оставија зад себе богати археолошки наоди“, вели Шарвит.
Крстоносците се бореле во верските војни кои биле познати и како Крстоносни војни. Тие биле угнетувани од Римокатоличката црква во средновековниот период. Најпознатата крстоносна војна се водела во источниот Медитеран, чија цел била да се врати Светата земја од муслиманската власт.