Според најновиот извештај на аналитичката компанија Canalys, глобалната испорака на компјутери забележа зголемување на испораките од 5 проценти во периодот јули-септември оваа година. Комбинираната испорака за десктоп и лаптоп компјутери беше 84,1 милиони, што претставува 4,9 проценти повеќе во однос на третиот квартал од 2020 година, кога испораката изнесуваше 80,2 милиони.
Lenovo и натаму е лидер во вкупните испораки (19,8 милиони), како и удел на пазарот (23,5%) за третиот квартал од 2021 година. HP е блиску, на второто место, со испорака од 17,6 милиони уреди и пазарно учество од 20,9 проценти. Dell ја заокружува Топ 3 листата со испорака од 15,2 милиони и 18,1% пазарен удел.
Кога станува збор за регионите, најголем годишен раст бележи Јужна Америка (17%), а потоа следуваат Европа, Блискиот Исток и Африка (ЕМЕА) со 16% и Азија-Пацифик со 13% учество во испораката. Северноамериканскиот пазар падна за девет проценти.
Гледајќи напред, Canalys гледа нови можности за раст на пазарот во сегментот на мали и средни бизниси и индустријата за туризам и патувања. Од друга страна, проблемите со синџирот на снабдување и недостатокот на чипови би можеле да влијаат на PC индустријата на различните пазари.