Шефот на Intel, Пат Гелсинџер изјави дека американскиот производител на чипови повеќе не размислува за изградба на фабрика во Велика Британија поради Брегзит.
Гелсинџер за BBC истакна дека пред Британија да ја напушти ЕУ, земјата „можеше да биде место за кое би размислувале“. Но, додаде: „По Брегзит … се селиме во земјите на ЕУ и добиваме поддршка од ЕУ“.
Intel сака да го зголеми производството во услови на глобален недостиг на чипови што го попречи снабдувањето со автомобили и друга стока.
Компанијата – еден од најголемите светски производители на полупроводници – вели дека кризата покажала дека САД и Европа се премногу зависни од Азија за нивните потреби за производство на чипови.
Intel ќе инвестира до 95 милијарди долари за отворање и модернизирање на фабрики за полупроводници во Европа во следните 10 години, како и за зголемување на производството во САД.
Гелсинџер појасни дека компанијата имала намера да бара места за изградба на производствени капацитети во Велика Британија, но Брегзит го променил тоа.
Шефот на Intel додаде дека досега компанијата има добиено околу 70 предлози за градење капацитети низ Европа од можеби 10 различни земји.
Се надеваме дека ќе постигнеме договор за место, како и поддршка од ЕУ … пред крајот на оваа година, вели тој.
Проширувањето на Intel доаѓа во време кога се очекува глобалниот пазар на полупроводници да се зголеми двојно во следните седум години на околу 800 милијарди долари.
Денес, САД произведуваат само околу 12 проценти од светските полупроводници, додека корејската компанија Samsung и тајванската компанија за полупроводници (TSMC) сочинуваат 70 проценти од глобалните достави.