NASA првпат ќе ја тестира одбраната на Земјата од потенцијално опасни астероиди. Според „Вашингтон пост“, американската вселенска агенција планира да лансира ракета со специјална сонда – „ДАРТ“, којашто ќе се судри со астероид за да ја промени неговата насока. Почетокот на мисијата е закажан за 24 ноември.
Во 2016 година, NASA ја формираше Канцеларијата за координација на мерки за заштита на Земјата. Со оваа програма, се пребаруваат астероиди и комети кои би можеле да бидат закана за Земјата на 48 милиони километри од неа, се собираат податоци за нивната големина, насока и хемиски состав, како и анализа на можните последици од нивно паѓање на нашето тло.
Како што е предвидено, „ДАРТ“ ќе се одвои од ракетата за да се забие во двојниот астероид Дидим-Диморф есента 2022 година. Се очекува сондата да се судри со помалиот од нив – Диморф, со брзина од околу 25.000 километри на час. Како резултат на тоа, насоката на движење на астероидот, кој се врти околу поголемиот Дидимус, ќе мора да отстапи „за дел од процент“. Научниците очекуваат дека ова ќе биде доволно за да може да се проследи отстапувањето, со телескопите од Земјата.
Двојниот астероид Дидим-Диморф орбитира околу Сонцето и во мигов не претставува закана за нашата планета, иако периодично се приближува до Земјата.
Целта на експериментот е да се развие техника со која во иднина, во случај на појава на вистинска опасност, ќе може да се смени патеката на движењето на вселенското тело што би било цел.