Русија денеска треба да лансира актерка и филмски режисер во Вселената. Целта е – првиот филм снимен во Земјината Орбита. На Земјата се враќаат на 17 октомври.
Јулија Пересилд и филмаџијата Клим Шипенко се очекува да полетаат од космодромот Бајконур во Република Казахстан. Предводени од космонаутот Антон Шкаплеров, тие ќе патуваат со вселенскиот брод „Сојуз МС-19“, како дел од 12-дневната мисија на Меѓународната вселенска станица (МВС) – снимање сцени од филмот „Предизвик“.
Ако тоа биде успешно, рускиот екипаж „ќе ги претрка“ своите американски „соперници“ кои најавија сличен потфат со Том Круз, НАСА и „Спејс-Икс“ на Илон Маск.
Режисерот го нарече својот филм – „експеримент“.
– Некои работи ќе успеат, а некои не!, призна Шипенко.
Во полза на угледот, инаку, и во обид да ги зголеми своите приходи, Русија најави дека овие години ќе ја оживее својата програма за вселенски туризам. По повеќегодишна подготовка, Русија ќе испрати двајца јапонски туристи, меѓу кои и милијардерот Јусаку Маезава, на МВС, во декември, со што ќе се заокружи годинава на туристички патувања во Вселената.