Кина денеска ги претстави најновите воени авиони на аеромитингот во градот Жунхај, кој посетителите ќе имаат можност да го посетат до недела.

На 13-тиот Меѓународен саем на воздухоплови во Кина, воениот акробатски тим остави црвена, сина и жолта трага од чад на небото додека неговите авиони летаа во формација, пренесува агенцијата АП.

Традиционалниот саем во Жунхај минатата година беше одложен поради пандемијата на Ковид-19.

Посетителите годинава најчесто се вртат околу авионот за електронско војување, воениот напаѓачки хеликоптер и транспортниот авион „I-20А“.

Владејачката кинеска Комунистичка партија инвестира многу во развојот на борбени авиони, стелт-технологија, беспилотни летала и друг хардвер за својата Народноослободителна армија.

Според АП, авиомитингот е можност Кина да ги претстави своите беспилотни летала и други авиони пред потенцијалните купувачи од странство додека се пробива на пазарите во кои доминираат САД и Европа.

Покрај воените авиони, изложени се и голем број цивилни летала, вклучувајќи авиони на електричен погон и летечки автомобил, што е плод на мешана кинеско-австралиска компанија.