Загадувањето на воздухот е поопасно отколку што се мислеше досега, предупреди Светската здравствена организација, намалувајќи го притоа максималното ниво на загадување на воздухот што се смета за безбедно.

Според проценките, седум милиони луѓе годишно умираат поради болести поврзани со загадувањето а најпогодени се државите со ниски и средни приходи бидејќи се зависни од фосилни горива.

Според СЗО, дури 80 проценти од смртните случаи поврзани со ПМ 2.5 честичките би можеле да се избегнат доколку сегашните нивоа на загадување се намалат..

„Речиси сите луѓе ширум светот се изложени на високи нивоа на загаденост на воздухот. Неквалитетниот воздух ја зголемува можноста од појавување на респираторни болести, како што се пневмонија и асма. Исто така, го зголемува и ризикот појава на тешка форма на Ковид 19.“ – изјави Тодрос Адханом Гебрејсус генерален директор на СЗО.

Според СЗО, загадувањето на воздухот е еднакво штетно по здравјето како и пушењето цигари и нездравата исхрана. Организацијата бара од своите земји членки да ги намалат емисиите на штетни гасови и да преземат мерки кога станува збор за климатските промени.

Загадувањето на воздухот е дополнително поврзано со болести како што се срцеви заболувања, срцеви напади и астма. Кај децата пак постои можност загадувањето негативно да влијае на развојот на белите дробови.

Во пресрет на конференцијата посветена на климата која ќе се оддрќи во Глазгов,Британскиот преиер Борис Џонсон пред Генералното собрание на ОН порача дека светските лидери имаат огромна моќ да ги променат работите на подобро и да ја спасат планетата од катастрофалните последици од климатските промени.

„Мораме да покажеме дека сме способни да учиме и созреваме и конечно да ја преземеме одговорноста за уништувањето што го нанесуваме, не само на нашата планета, туку и на самите нас. Време е човештвото да порасне. “ – изјави Борис Џонсон премиер на Велика Британија.

Конференцијата на Обединетите Нации има за цел да поттикне глобални акции за климата и да обезбеди пари за нивна имплементација, во период кога научниците предупредуваат дека глобалното затоплување е многу близу да излезе од контрола.