Ви благодариме што овие 9 години бевте наши партнери во создавањето општество со еднакви можности за сите. Овој пат, во рамки на одбележување на деветгодишнината, преку новиот број на „Лице в лице“ сакаме да дадеме свој придонес кон спречување на дезинформациите, лажните вести и говорот на омраза, нудејќи контранаративи на овие негативни предизвици на новото доба – велат од тимот на „Лице в лице“.
„Лагата веќе го обиколува светот, додека вистината ги обува чевлите“, е мотото кое го носи 47. издание на „Лице в лице“. Кампањата започна во Струга, каде граѓански организации, медиумски работници, млади луѓе – волонтери и ученици, претставници на институции и локална самоуправа, учествуваа во кокреирањето на содржините за ова издание.
„Лице в лице“ со овие активности ја носи свесноста за дигиталните комуникациски технологии, кои драматично го променија нашиот однос кон содржината, изворот и пренесувањето на информациите. Бројните медиумски содржини и онлајн живеење, не нè направија отпорни и способни за препознавање на лажните вести и говорот на омраза, па многумина се мета на лажни вести и говор на омраза. Оттука, потребно е да работиме на свесност и совесност, уште во образовниот процес.