Првото руско беспилотно летало со хибриден мотор ZALA 421-16E5G (развиено од инженерите на руската компанија ZALA Aero, дел од групата компании „Калашников“), успеа да реализира континуиран лет во должина од 1130 км.

Благодарение на интеграцијата на навигацискиот уред кој функционира во затворен циклус, како и на пасивниот систем за интелектуална обработка на информации, ова беспилотно летало е исклучително отпорно на најмодерните системи за противелектронска борба.

Првото руско беспилотно летало со хибриден мотор ZALA 421-16E5G (развиено од инженерите на руската компанија ZALA Aero, дел од групата компании „Калашников“), успеа да реализира континуиран лет во должина од повеќе од 1000 километри. Маршрутата одеше од Ижевск до Јошкар-Ола и обратно. Ова го соопшти информативната служба на компанијата, пренесува веб-порталот ТАСС.

„За време на летот на маршрутата Ижевск-Јошкар-Ола-Ижевск, кој траеше повеќе од 12 часа, хибридниот беспилотно летало ZALA 421-16E5G помина растојание од вкупно 1130 километри. За време на летот беа реализирани техничките елементи на методиката на примена на летало со кое управуваат два командни пункта со нов тип на врска и систем за контрола поврзани со задхоризонтални пунктови што се наоѓаа во различни региони на Руската Федерација. Употребата на таков систем, каде што операторите за контрола на леталото се наоѓаат на далечина од 500 километри од местото на неговото лансирање, ја намалува потрошувачката на ресурсите на леталото, го минимизира влијанието на човечкиот фактор и поквалитетно го оптимизира екипажот што го експлоатира овој тип на летало“, се наведува во соопштението на информативната служба на компанијата ZALA Aero.

Како што истакнуваат од оваа компанија, во рамките на овој лет беа тестирани нови уреди развиени од нејзините инженери, а кои се наменети за навигација на леталото, како и за интелектуална обработка на информации (сегмент на „вештачка“ интелигенција). „Конкретно, применивме нов систем за визуелна навигација. Овој систем е независен од сателитската навигација и е конструиран да работи во затворен контролен циклус, што му овозможува на ова беспилотно летало да ги реализира своите задачи во простор во кој нема командни сигнали и кој исто така обезбедува заштита на повеќе нивоа кога станува збор за одбрана од средства за противелектронска борба“, велат од информативната служба на компанијата.

За време на реализацијата на овој долг лет, беше применет и системот за интелектуална обработка на информации – AIVI. „Системот AIVI во пасивен режим овозможува автоматско откривање и препознавање на објекти од повеќе различни извори, со надзор на целата долна хемисфера, што овозможува прием на информации во реално време за бројот и позицијата на објектите, поточно за целокупната ситуација за време на летот на беспилотното летало“, истакнуваат од компанијата.

Што се однесува до леталото, неговата главна карактеристика е екстремно нискиот шум за време на летот кога електричниот блок на моторот се напојува преку акумулаторска батерија. ZALA 421-16E5G во практично нечуен режим може да лета 60 минути, додека времето за повторно полнење на батеријата е само 120 минути (ритам на работа: 2 ч. мотор со внатрешно согорување/1 ч. електромотор).

Новото беспилотно летало може да носи комбиниран товар со оптоелектронска опрема која има две камери за термичка слика и видеокамера со висока резолуција со зголемување од 60x. Како што наведуваат од информативната служба, преносот на сликата се реализира во HD формат (1280*720), така што операторот на командно-контролниот пункт има можност многу детално да го следи теренот над кој се врши надзорот.

Извор: Russia Beyond