Ограничувањата за движење и патување поради пандемијата на коронавирус овозможија спектакуларно, но привремено подобрување на квалитетот на воздухот, објавија Обединетите нации.
Карантините предизвикаа привремен пад на загадувањето на воздухот во 2020 година на голем број места, особено во метрополите, заклучи Светската метеоролошка организација (СМО), агенција на ОН.
„Ковид-19 беше неочекуван експеримент со квалитетот на воздухот што овозможи локални привремени подобрувања“, рече Петери Талас, генерален секретар на СМО.
„Но, пандемијата не е замена за одржлива и систематска акција во борбата против големите загадувачи и климатските промени“, додаде тој.
Во извештајот на СМО се посочува дека во некои градови концентрацијата на ситни честички паднала до 40 проценти за време на карантините пролетта 2020 година, во споредба со периодот 2015-2019 година.
Откако беа укинати ограничувањата, квалитетот на воздухот повторно се влошил.
Сепак, експертите велат дека загадувањето предизвикано од човечки активности се намалило, но 2020 година ја одбележаа бури од песок и прашина и пожари што го загадија воздухот.
Поврзани артикли