Еден од светските лидери во производството на паметни телефони – Xiaomi, ја заврши регистрацијата на компанија ќерка која ќе се занимава со производство на електрични автомобили, објави кинеската компанија.

Почетниот капитал на новата компанија е 10 милијарди јуани (околу 1,5 милијарди долари), а најавено е дека ќе се занимава со производство на електрични автомобили под сопствен бренд.

Наводно, Xiaomi веќе избрал 300 професионалци и специјалисти за работа во новата компанија, но продолжува да бара високо квалификувани работници и инженери.

Кон крајот на јули, Xiaomi објави дека основа компанија за развој на автоматски систем за управување со возила без возач.

Xiaomi е основана во 2010 година. Многу бргу влезе во кругот на најголемите светски производители на паметни телефони. На крајот од 2018 година, компанијата спроведе јавна понуда на акции на берзата во Хонг Конг. На крајот на минатата година, пазарната капитализација на Xiaomi изнесуваше повеќе од 100 милијарди долари.