Иако велосипедите доаѓаат во најразлични форми што се однесува до дизајнот, тие сепак се потпираат на традиционалниот пренос преку ланец или ремен од педалите до задното тркало.
Новиот, иновативен погонски систем за електрични велосипеди може да ги промени правилата на игра во оваа област, заменувајќи го гореспоменатиот механизам со електричен. Овој систем се вика Free Drive.
Развиен е од германскиот производител Schaeffler, во соработка со специјалистите за две тркала од Heinzmann GmbH & Co. KG. Станува збор за погонски систем без синџир кој функционира без механичка врска помеѓу генераторот и моторот.
Суштината е во механичката енергија која се генерира при вртење на педалата, која се конвертира во електрична енергија, а потоа се враќа во механичката со помош на мотор во центарот на тркалата. Овој систем ја елиминира потребата за пренос на моќноста на задното тркало преку механичка врска во форма на синџир, вратило или ремен.
Во рамките на новиот Free Drive систем, централната компонента е генераторот од Schaeffler, кој е инсталиран онаму каде што инаку би биле долниот носач на педалите и запчаникот на погонскиот синџир. Овој генератор се напојува со механичка енергија добиена од вртење на педалите, каде што тој ја претвора во електрична енергија.
Инспириран од терминот „drive-by-wire“ што се користи во областа на електричните автомобили, во Schaeffler својот систем го нарекле „bike-by-wire“ бидејќи користи исклучиво електрична инсталација за поврзување на погонскиот механизам со задното тркало. Исто како и со автомобилите, CAN конекцијата се користи за да им овозможи на компонентите на системот да комуницираат едни со други.
Според компанијата, оваа нова технологија отвора бројни можности, овозможувајќи нова велосипедска архитектура и конфигурација на педалите. Друга предност обезбедена од Free Drive е фактот дека го намалува количеството на делови што се абат.
Покрај тоа, овој систем може да се користи за подесување на две, три или четири тркала, обезбедувајќи максимална флексибилност во однос на архитектурата на возилото и слободно конфигурирано чувство на педалата, прилагодено на желбите на возачот, објаснува д-р Јохен Шредер.
Системот Free Drive ќе биде официјално претставен оваа недела на Eurobike 2021 во Фридрихсхафен, Германија, кога се очекуваат и нови информации.
Извор: Додај Гас
Поврзани артикли