Светската здравствена организација (СЗО) ја следи новата варијанта на коронавирусот наречена Mу, која првпат беше идентификувана во Колумбија во јануари, соопштија ОН.
Новата варијанта со научно име Б.1.621 засега е класифицирана како варијанта што треба да се следи, наведува СЗО во својот неделен епидемиолошки извештај за еволуцијата на пандемијата на коронавирусот.
СЗО прецизира дека оваа варијанта има мутации што би можеле да укажат на ризик од отпорност на вакцината и нагласи дека се потребни дополнителни студии за да се испитаат карактеристиките на овој вид коронавирус.
Сите вируси, вклучително и коронавирусот (SARS-CoV-2), мутираат со текот на времето. Повеќето мутации имаат мал или никаков ефект врз својствата на вирусот.
Сепак, одредени мутации може да влијаат на карактеристиките на вирусот, како што се полесно ширење, сериозност на симптомите или ефикасност на вакцини, лекови и други алатки за откривање на присуството на вирусот.
Од појавата на коронавирусот и соевите на тој вирус СЗО одлучи да ги именува варијантите. Во моментот загрижувачки се четири вида коронавирус, меѓу кои се: алфа – видот што е присутен во 193 земји, видот делта, кој е присутен во 179 земји, а под надзор се пет други вида, меѓу кои е му.
Овој вид првпат беше откриен во Колумбија во јануари, а подоцна и во други земји од Латинска Америка и Европа.