Компанијата Apple следната година има намера на пазарот да пласира апликаџија наменете за љубителите на класичната музика.
Apple потврди дека го купил Primephonic, услуга специјализирана за стриминг на класична музика, и дека во Apple Music ќе ја вклучи функционалноста на апликацијата и плејлистите. Резултатот ќе биде „значително унапредено искуство во слушањето класична музика“, соопшти Apple.
Исто така, во 2022 година Apple ќе понуди посебна апликација Apple Music за класична музика.
Primephonic повеќе не прифаќа нови членови, а услугата каква што постои денес ќе згасне на 7 септември.
Apple потврди дека плејлистите и „ексклузивната аудио содржина“ на Primephonic првично ќе бидат интегрирани во Apple Music, а со текот на времето ќе се додадат најдобрите карактеристики на Primephonic, вклучувајќи подобри пребарувања базирани на композитори и репертоари, детални прегледи на метаподатоци на класична музика и нови функции и предности.
Компанијата потврди и дека идната апликација ќе го користи „класичниот кориснички интерфејс на Primephonic што фановите го засакаа“.
Primephonic беше лансиран пред три години, а неговиот тим тврди дека договорот со Apple ќе ја прошири публиката. На активните корисници ќе им бидат надоместени средствата и ќе добијат код што им донесува шестмесечно бесплатно користење на Apple Music.