Регистарот во кој се внесуваат судири и штети станува задолжителен?!
Измами со користени автомобили и Норвешка барем на прв поглед во иста реченица не одат. Но, и добрите, чесни Норвежани, почисти од утринската роса, исто така мака мачат со дилерите кои ги прикажуваат возилата подобри отколку што навистина се. Можеби кај нив и ја нема онаа позната балканска порака „баба го возела“, но сепак тие своите „мали и големи измами“ ги спроведуваат онака ладно и ефикасно.
Таков еден пример е оштетениот автомобил од судир на актерката Лиза Тане кој го купил дилер по име Billia, го поправил и потоа го продал на друг клиент како неоштетено возило. Овој случај крена прашина во земјата на електрични те автомобили и нафтени полиња. Норвешкиот авто клуб (NAF) и другите заинтересирани чувари на норвешката чесност побарале воведување регистар на половни автомобили, во кој сите такви ситуации, судири, оштетувања и слично би биле внесени под кривична одговорност. Купувачите нема да бидат измамени од никого, а продавачите ќе бидат обесхрабрени да внесуваат фантазија при рекламирањето на половните автомобили.
Норвешката управа за јавни патишта го поддржува воведувањето на регистарот, кој треба да содржи информации за тоа кога настанала штетата, за каков вид на штета станува збор и кој го поправил автомобилот. Сега останува на Владата, која ќе ја донесе одлуката и се претпоставува дека ќе го поддржи овој предлог.
Идејата не е лоша, и ако Норвежаните ја спроведат на дело, не би било лошо да се размисли на истата тема и кај нас.
Поврзани артикли