Нов прототип на хуманоиден робот ќе биде претставен следната година од компанијата на Елон Маск, Tesla.
Роботот ќе биде висок 172 сантиметри и тежок околу 56 килограми, ќе биде опремен со вештачка интелигенција, како и сет сензори што се користат во електричните возила произведени од компанијата.
Роботот ќе се вика Tesla Bot.
„Ако размислите, Tesla е веќе најголемиот производител на роботи во светот, бидејќи нашите автомобили изгледаат како полуинтелигентни роботи на тркала. Би било логично технологијата развиена од компанијата да биде преточена во хуманоиден облик“, истакна Маск.
Прототипот на Tesla Bot ќе биде изработен од лесни материјали. Наместо лице, роботот ќе биде опремен со монитор за корисни информации. Со 40 активатори, роботот ќе се движи со брзина од осум километри на час и ќе може да крева предмети со тежина до 20 килограми.
„Тој мора да биде пријателски настроен“, рече шефот на компанијата на шега.
Маск нагласи дека првиот Tesla Bot ќе биде дизајниран да „извршува и сложени и здодевни задачи“, па дури и да пазарува, по потреба.