NASA објави дека го избрала SpaceX за предвидениот лет кон Европа, замрзнатиот сателит на планетата Јупитер, што е голема победа за компанијата на Елон Маск, кој сака да организира што подалечни патувања во Сончевиот систем.
Се работи за прва мисија на NASA на Европа и целта е да се утврди дали тој има услови за живот. Ќе се спроведе детално истражување на овој сателит на Јупитер, кој е нешто помал од Месечината, и водечки кандидат кога се работи за потрага за живот на друго место во Сончевиот систем.
Мисијата Европа клипер ќе тргне во октомври 2024 година со ракетата „Фалкон хеви“ од вселенскиот центар „Кенеди“ на Флорида.
Вредноста на договорот е 178 милиони долари.
Меѓу останатите цели на мисијата Европа клипер е и да произведе слики со висока резолуција на површината на Европа, да се утврди составот на површината, да се побараат знаци на геолошка активност, да се измери длабочината на замрзнатиот покривач, да се утврди длабочината и соленоста на неговите океани, додаваат од NASA.