Американскиот милијардер, Џеф Безос, вчера полета во вселената и се врати и покрај петициите, заедно со уште тројца патници – неговиот брат Марк, средношколецот Оливер Димен и 82-годишната Воли Фанк.

Според „Блу ориџин“, најголемата висина достигната од ракетата била 107,05 километри, со што „Њу Шепард“ на Безос ја надминал границата на вселената, т.н. Карманова линија, што е на околу 100 километри.

Тогаш, екипажот доби можност да помине неколку минути во бестежинска состојба и да ја набљудува Земјата од висина, а тоа им го овозможи бродот со „најголемите прозорци“ кој некогаш бил во вселената.

Исто како и Ричард Бренсон и неговите патници кои девет дена претходно направија слично патување со бродот „Вирџин галактик“, Безос и неговите патници се одврзаа, лебдеа и се тркалаа во воздухот. Како што може да се види на снимките од внатрешноста на капсулата, објавени по летот, основачот на „Амазон“ – кој ја напушти оваа компанија за да се посвети на „Блу ориџин“ и вселенскиот туризам – се восхитуваше на недостатокот на гравитација со екипажот кога стигнаа на надморска височина од над 107 километри.

„Ова е неверојатно“, вели еден од патниците, гледајќи низ прозорецот.

„Дали ова патување е сè што мислевте дека ќе биде?“, ја праша Безос, Воли Фанк, икона на авијацијата, која била обучувана за астронаут во шеесеттите години, но како жена, никогаш не добила шанса да им се придружи на експедициите.

„Фантастично е!“, одговори таа, а во еден момент радосно го бакна Безос во обрзот.

„Ројтерс“ наведува дека летот на 57-годишниот милијардер до работ на вселената траел 10 минути и 20 секунди, а капсулата со патниците се вратила на Земјата со помош на падобран. Безос излезе од капсулата со каубојска капа на главата и рече дека ова е неговиот најдобар ден досега.

Подоцна додаде дека искуството го потсетило на тоа колку е „ситна“ Земјата.

„Атмосферата е огромна. Но, кога ќе се качите горе, ќе видите дека тоа е мала, кревка работа“, нагласи тој.

Извор: Макфакс