Лековите за намалување на холестеролот можат да го намалат ризикот од развој на потешка форма на болест предизвикана од Ковид-19, покажуваат новите истражувања.
Анализата на повеќе од 10.000 луѓе примени во 140 болници во САД покажала дека лековите за намалување на холестеролот и лековите за крвен притисок ја намалуваат смртноста на коронавирусот за 40 проценти кај оние кои ги земале пред хоспитализација.
Намалениот ризик од смрт бил поголем со дури 46 проценти кај оние кои земале само лекови за намалување на холестеролот, отколку кај пациенти кои користеле само лекови за висок крвен притисок со 27 проценти.
Придобивката од лековите е што тие можат да го ублажат воспалението во телото што често предизвикува сериозни исходи кај заразените со коронавирус, тврдат истражувачите.
„На почетокот на пандемијата, бевме заинтересирани дали лековите за лекување на кардиоваскуларни болести негативно ќе влијаат на инфекциите предизвикани од Ковид-19“, рече авторката на студијата Лори Даниелс.
„Откривме дека не само што лековите кои се користат за лекување на холестерол и хипертензија се безбедни, туку можат да ги заштитат луѓето со коронавирус, особено оние кои страдаат од хипертензија и кардиоваскуларни болести“, додаде Даниелс, професор на Универзитетот во Калифорнија.