Светските здравствени експерти стравуваат дека ламбда, новиот сој на коронавирус кој е регистриран во речиси 30 земји во светот, би можел да биде отпорен на вакцини, пишува Sky News.
Варијантата ламбда, позната како Ц.37 која е откриена во Перу, е одговорна за повеќе од 80 отсто од инфекциите со коронавирус во оваа земја.
Експертите од Универзитетот во Чиле го проучувале влијанието на овој вид коронавирус врз лицата кои примиле две дози од вакцината КоронаВак. Студијата сè уште не е авторизирана.
Позаразен од алфа и гама соевите
Резултатите сугерираат дека ламбдата е позаразна од алфа и гама соевите и дека е поспособна да ги заобиколи антителата кои ги создаваат вакцините.
„Забележавме зголемена инфективност кај шилестите протеини на ламбда сојот, повисока од оние присутни кај алфа и гама соевите. Нашите први податоци покажуваат дека мутациите присутни во шилестиот протеин кај ламбда сојот даваат зголемена инфективност и можат да избегаат од антитела предизвикани од инактивираната вакцина КоронаВак“, се наведува во студијата.
Џеф Барет, научник од Велика Британија, вели дека варијантата ламбда има прилично необичен сет на мутации. Таа има уникатен образец од 7 мутации во шилестиот протеин кои вирусот ги користи за да ги зарази човечките клетки, наведува „Financial Times“.
Од друга страна, Хаиро Мендез Рико, експерт за вирусни заболувања при Светската здравствена организација (СЗО), потсетува дека вакцината е делотворно средство против мутираните соеви.
„Сите одобрени вакцини се генерално ефикасни против сите варијанти на коронавирусот кои се во оптек ширум светот. Нема причина да претпоставуваме дека тоа не е случај со ламбда сојот“, истакнува Рико.
Се шири побрзо од останатите соеви, но не е поагресивен
Молекуларниот биолог Пабло Цукајама вели дека ламбда сојот се шири побрзо од останатите.
„Имавме 200 лица кои беа заразени со ламбда сојот во декември, а до крајот на март половина од инфицираните во Лима беа заразени со него“, вели Цукајама.
„Денес, 3 месеци подоцна, ламбда сојот е присутен кај 80 отсто од заразените низ целата земја. Тој стана доминантен во Перу за многу кратко време“.
Меѓутоа, она што звучи охрабрувачки се резултатите од досегашните испитувања на новиот вид на коронавирус, кои покажуваат дека тој не е поагресивен од претходните соеви.
„Засега нема докази дека е поагресивен од другите варијанти на вирусот SARS-CoV-2. Можно е да има поголема стапка на инфекција, но тоа треба да се испита“, вели Мендез Рико.
Да потсетиме, СЗО го класифицираше ламбда сојот во категоријата „под опсервација“, бидејќи доведува до зачестена инфекција и се појавува истовремено во повеќе земји. Како најчести симптоми се наведуваат зголемена телесна температура, главоболка и болка во грлото, а некои наведуваат и губење на чувството за мирис и вкус, симптоми кои беа карактеристични за алфа сојот.
Извор: Blic.rs