Израел соопшти за намалена ефикасноста на вакцината на Pfizer/BioNTech против COVID-19 при спречување на инфекции и симптоматски заболувања, но исто така наведува дека останува многу ефикасна во спречување на сериозни болести предизвикани од коронавирусот.

Намалувањето на ефикасноста на вакцината се совпадна со проширувањето на делта мутацијата на коронавирусот и укинувањето на ограничувањата за физичка оддалеченост во Израел.

„Ефикасноста на вакцината во спречување на инфекции и симптоматски заболувања се намали на 64 проценти од 6 јуни“, објави израелското Министерство за здравство.

Истовремено, вакцината на Pfizer е ефикасна 93 проценти во спречување на хоспитализации и сериозни заболувања од коронавирусот.

Портпарол на компанијата Pfizer одби да ги коментира податоците од Израел, но наведе други истражувања кои покажале дека антителата произведени од оваа вакцина сепак се во можност да ги неутрализираат сите тестирани варијанти на COVID-19, вклучувајќи ја и делта мутацијата, иако со намалена моќ.