Директорката на американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), Рошел Валенски на вчерашниот брифинг во Белата куќа изјави дека првичните податоци од Центарот покажуваат дека 99,5 проценти од смртните случаи од коронавирусот во последните шест месеци не биле вакцинирани.
Валенски истакна дека податоците од голем број држави покажуваат дека речиси секоја жртва на коронавирусот од јануари – еден месец по почетокот на вакцинацијата во САД – не била вакцинирана, пренесува Форбс. Таа нагласи дека тоа е одраз на ефикасноста на вакцината.
– Ова е доказ дека вакцините можат да ја спречат речиси секоја смрт од коронавирус, изјави Валенски.
Таа, исто така, додаде дека делта сојот во САД сега опфаќа 25 проценти од сите случаи на зараза и изрази посебна загриженост за илјада окрузи (пред се во јужниот и источниот дел од земјата) каде што се вакцинирани само 30 отсто од населението.
– Тоа се нашите најранливи заедници. Поради ширењето на делта сојот, веќе бележиме зголемен број случаи. Секое страдање или смрт од Ковид-19 е трагично. Со вакцините кои се достапни низ целата земја, страдањето кое го доживуваме сега може целосно да се избегне, додаде Валенски.
Белата куќа вчера соопшти дека ќе испрати специјални тимови на жариштата низ САД за борба против многу заразната делта мутација на коронавирусот, испраќајќи итен повик до невакцинираните Американци да го сторат тоа.
Поврзани артикли