Во светот во текот на изминатат недела се регистрирани над 2,6 милиона нови случаи на коронавирус и 57.000 смртни случаи, соопшти денеска Светската здравствена организација.
Од вкупниот број на новоинфицирани, 10 проценти се регистрирани во Европа, или 372.000. Инциденцата на инфекцијата скокна за два процента, додека бројот на смртни случаи е опаднат за 10 проценти, што е најниско ниво од ноември 2020 година.
„На глобално ниво, инциденцата на Ковид-19 останува многу висока и дневно се пријавуваат над 370. 000 случаи“, соопшти СЗО во неделниот епидемиолошки билтен.
Од друга страна, продолжува да опаѓа бројката на умрени од болеста. Според СЗО, коронавирусот досега е идентификуван кај повеќе од 180 милиони лица, а досега умреле 3,9 милиони луѓе.
Најголемо зголемување на нови случаи е регистрирано во Африка, во источен Медитеран и Европа, додека бројката на новозаболени е намалена во регионот на западен Пацифик и југоисточна Азија.
Според СЗО, се шират видовите на вирусот што се класифицираат како „загрижувачки“. Тоа особено се однесува на алфа сојот, што беше откриен во Велика Британија, а веќе е регистриран во 172 земји, бета сојот со потекло од Јужна Африка сега циркулира во 120 земји, бразилскиот гама сој во 72, додека индискиот сој само во последната недела е проширен во уште 11 земји и сега е регистриран во вкупно 96 држави од светот.