Американската вселенска компанија Virgin Galactic, сопственост на милијардерот Ричард Бренсон, соопшти дека добила одобрение од американскиот регулатор за воздушна безбедност (ФАА) за лет во вселената на човечки екипаж, по успешниот пробен лет што беше изведен минатиот месец.
– Денешното одобрение од ФАА ни дава самодоверба додека напредуваме кон нашиот прв пробен лет летово со комплетен екипаж, изјави Мајкл Колглазиер, извршен директор на Virgin Galactic , пренесоа британскиите медиуми.
Virgin го реализира својот прв лет со екипаж во вселената во мај од своето ново домашно пристаниште во Ново Мексико, откако неговото летало „Space Ship Two”, што може да прими шестмина патници, безбедно слета на пистата со своите двајца пилоти.
Одобрението на Федералната администрација за авијација на САД (ФАА) доаѓа во критичен момент за Бренсон, бидејќи неговиот вселенски потфат се соочува со конкуренција преку вселенската компанија на Џеф Безос, основачот на Amazon.