Европската комисија има намера да воведе регулатива која ќе го ограничи животниот век на возилата, со што ќе се спречи автомобилите кои најмногу ја загадуваат природата да бидат легитимни учесници во јавниот превоз
Доколку се реализира овој план, ќе има значителни шокови на пазарот и луѓето би можеле да бидат принудени да ги менуваат автомобилите со темпо со кое се навикнати да го прават тоа кога станува збор за мобилните телефони.
Идејата е предлогот на Европската комисија да биде преставен до крајот на следната година, а има за цел да спречи регистрација на постари возила, вели заEFE, Франс Тимерманс, европски комесар задолжен за спроведување на Зелениот пакт.
„Ние сакаме да работиме на промена на одредбите во врска со директивата кoja го регулира животниот век на возилата. Предлогот ќе го подготвиме до крајот на 2022 година“, изјави Тимерманс, на состанокот на министрите на ЕУ задолжени за еколошки прашања, одржан минатата недела во Луксембург.
Тимерманс на јавноста воедно и пренесе порака за загриженост од владите на неколку земји од Европската унија во врска со фактот дека, од аспект на животната средина, најлошите возила се извезуваат од западниот дел на Европската унија во помалку развиените земји од овој блок, како и земји надвор од унијата.
„Ако сакаме да го суспендираме извозот на старудии од нашата почва, прво мора да ги исклучиме од јавниот превоз во ЕУ“, вели тој.
Ова, како и многу други иницијативи за заштита на животната средина, се поттикнати од дизел скандалот со Volkswagen, по што многу возачи на дизели од Западна Европа тргнаа масовно да ги продаваат своите возила на пазарот на користени возила, што беше едноставно неизбежно. Многу од тие автомобили завршија во источноевропскиот блок, особено на Балканот.
Принудната и веројатно прерана замена на автомобилите, несомнено ќе доведе до превирања на пазарот на користени, но и на нови возила, бидејќи многу купувачи на нови автомобили ги користат автомобилите кои веќе ги поседуваат, за да платат дел од набавната цена на новото возило.
Извор: Додај Гас