Како дел од справувањето на земјите со Ковид-19 пандемијата ширум светот, а во насока на постепено враќање “во нормала“ и отворање на границите за патувања, на интернационално ниво се воведува платформата “CommonPass”, креирана од Светски Економски Форум (World Economic Forum) и“The Commons Project“. За Северна Македонија, локален партнер на оваа платформа е домашната компанија “Сорсикс“. Платформата има за цел да овозможи веродостоен приказ на Ковид-19 статусот на секој еден корисник во контекст на примена вакцина и/или резултат на Kовид-19 тест, истовремено штитејќи ги неговите лични податоци.
Апликацијата “CommonPass“ е развиена од непрофитна, јавна фондација и не е во припадност на ниту една влада или пак комерцијален субјект. Функционира преку проектот “Commons Project“ на отворена, независна, одржлива и непрофитна основа. Како апликација, “CommonPass“ им овозможува на корисниците електронски да ги документираат своите здравствени податоци поврзани со Ковид-19 и да ги прикажуваат за различни потреби, во различни ситуации. На овој начин се нуди брз и едноставен пристап до неопходните здравствени документи за патување од сертифицирани и акредитирани институции.
Сите заинтересирани државни институции и лиценцирани лаборатории имаат можност за приклучување на апликацијата на ниво на акредитирани и сертифицирани установи преку директна, билатерална комуникација со мрежата “CommonTrust“. Вака, во рамки на апликацијата, со регистрација и пријавување на лабораториите и надлежните институции се креира регистар на акредитирани и сертифицирани установи чии резултати по вчитување во апликацијата CommonPass ќе бидат признаени како вистински, релевантни и доверливи на интернационално ниво.
Воедно, со апликацијата им се овозможува на државите да ги прикажат условите и потребните документи за влез во земјата, вклучувајќи и информација дали и кој вид на лабораториски тестови и вакцини се неопходни за граничен премин. Вака, секој корисник ќе има можност при планирање на своето патување да ги подготви неопходните здравствени документи поврзани со Ковид-19 имунизација и тестирање. Во моментот кога ќе ја комплетира документацијата, со скенирање на специјалниот QR код од вакциналната потврда или резултатот од направен тест, апликацијата ќе му генерира на корисникот дигитален здравствен сертификат признаен на сите точки на влез во посакуваната дестинација.
Самата апликација е креирана водејќи се по најновите светски регулативи за заштита на личните податоци и во овој контекст личните податоци на самите граѓани се третирани со највисоко ниво на доверливост и зачувани исклучиво на уредот на Граѓанинот.
Компанијата “Сорсикс“, во рамки на статусот Партнер на “CommonPass“ ќе биде одговорна за технолошката и административна поддршка за апликацијата на ниво на нејзини јазични адаптации, одржување и техничка поддршка за локалните корисници.
“Ни претставува вистинско задоволство што се приклучивме на мрежата ‘CommonTrust’ и што поддржувајќи ја оваа апликација на македонскиот пазар придонесуваме кон глобалниот напор за повторно поврзување на светот преку патувања, овозможувајќи им на граѓаните дигитален пристап до нивните здравствени податоци неопходни за влез во други држави.“ – изјави Драган Шахпаски, Технички Директор во Компанијата “Сорсикс“.
Моментално, во комуникација со надлежните државни институции, во процес е регистрација на акредитирани установи и лаборатории во чии рамки ќе може да се вршат услугите неопходни за издавање на потребна документација согласно побарувањата на земјата во која ќе се патува.
На светско ниво, досега апликацијата е потврдена и достапна за употреба од 350 јавни и приватни организации и 52 земји. Сите заинтересирани граѓани ќе можат да прочитаат повеќе информации за самата апликација на страницата commonpass.mk, или пак да ја преземат истата преку “Google Play” за Android уреди или преку “Apple Store” за Apple уреди.